Новинарката Весна Рајковиќ Ненадич ФОТО/ Фејсбук

Отфрлена пријавата против црногорската новинарка поради коментар за влечките на сопруга на градоначалник

Црногорската полиција и обвинителството ја отфрлија како неоснована пријавата на Данијела Мујовиќ, сопругата на градоначалникот на Подгорица Саша Мујовиќ, против новинарката Весна Рајковиќ Ненадиќ, пишува Н1 телевизија.

Црногорската новинарка Весна Рајковиќ Ненадиќ беше испрашувана од полицијата пред два дена, поради коментари за влечките на сопругата на градоначалникот на Подгорица Саша Мујовиќ, кои ги објави на Фејсбук.

На 22 јули, Рајковиќ Ненадиќ објави фотографија од Данијела Мујовиќ од Инстаграм на својот Фејсбук профил, на која сопругата на градоначалникот на Подгорица носи скапи влечки „Кристијан Диор“, заедно со сатиричен коментар.

Мујовиќ изјави дека ќе „покрене други законски постапки“ за Рајковиќ Ненадиќ да „ги објасни мотивите за оваа Фејсбук објава“ и додаде дека во иднина ќе тужи секој што ќе објави нејзина фотографија или ќе ја спомене на социјална мрежа.

Рајковиќ Ненадиќ објави дека оваа одлука е можна само во согласност со законот.

„Сепак, оваа афера отвори многу прашања, на кои се надевам дека ќе добиеме одговори. Мора да научиме демократија“, додаде Рајковиќ-Ненадиќ.

По сослушувањето во полицијата, Рајковиќ Ненадиќ претходно изјави дека „не и се заканувала“ на Мујовиќ, „ниту сеела говор на омраза или повикувала на насилство“ и оцени дека „немале причина да ја повикаат на сослушување“.

Таа изјави дека е во интерес на јавноста да знае „како во земја каде што народот нема леб, сопругата на градоначалникот носи влечки од Диор“ и додаде дека влечките го отвориле прашањето за приходите што Данијела Мујовиќ ги пријавува во својата компанија.

Таа ја повика Агенцијата за спречување на корупција да го истражи „начинот на живот на г-ѓа Мујовиќ“ затоа што, „ако сè што носи е оригинално, тоа е целосно непропорционално на приходите што ги пријавува во својата компанија, кои се минимални или под минимумот“.

„Ако она што го носи дамата не е оригинално, тогаш треба да се вклучат инспекции и да се санкционира фалсификувањето“, рече Рајковиќ Ненадиќ.

Рајковиќ Ненадиќ оцени дека Мујовиќ, чиј сопруг е член на владејачкото Европско движење, со пријавата против неа „демонстрира политичка моќ и на некој начин се заканува и врши притисок врз новинарите и слободата на информации во Црна Гора“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот