Сцена од претставата „Ричард Трети“ во Албанскиот театар / Фотографија: Драган Гајиќ

Осврт кон новата претстава на Албанскиот театар во Скопје: Современ „Ричард Трети“ со силен актерски набој

Албанскиот театар во Скопје на 12 април премиерно ја изведе претставата „Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир во режија на Куштрим Бектеши, а во која главната улога маестрално ја изведува актерот Адем Карага.

Трагичната приказна за кралот што беше подготвен да го продаде кралството за коњ што ќе му го спаси животот и престолот, озлогласениот Ричард Трети, доби ново и современо читање на сцената на Албанскиот театар во Скопје. Многу драмски елементи од текстот на Шекспир режисерот Куштрим Бектеши ги поврзува со нашата современост и креира модерна, динамична и визуелно перфектна претстава со силен актерски набој.

Во предлошката кон претставата, Бектеши истакнува дека монументалните дела на Шекспир, иако напишани пред речиси пет века, сѐ уште фасцинираат со генијалноста на третирањето на комплексноста на човековата природа и нивната актуелност и универзалност во секој период на човековата историја сѐ до денешното време.

Затоа, поставувањето на Шекспировите дела секогаш претставува голем предизвик за секој режисер и театарска куќа. Таков голем предизвик носи и монументалната трагедија „Ричард Трети“, напишана некаде помеѓу 1592 и 1594 година, како дело кое ја третира најмрачната страна на човековата природа во борбата за власт, одмаздата и тиранското владеење над другите луѓе.

– Личности слични на Ричард Трети ни се познати од далечното, но и од поблиското минато, како што се Хитлер, Сталин, Мао Це Тунг и многу други диктатори што за време на нивното владеење предизвикале трагедии од огромни размери и извршиле монструозни злосторства. Слични на нив се или имаат голем потенцијал да дојдат на власт во секој географски простор кога граѓанската критична мисла е корумпирана, кога судирите на контрадикторни идеологии прераснуваат во жестока борба за власт, кога дезинформацијата ја замаглува вистината, а вредностите стануваат роба за тргување – посочува Бектеши.

Сцена од претставата „Ричард Трети“ во Албанскиот театар / Фотографија: Драган Гајиќ

Главни прашања по чии одговори трага претставата се како се создава еден Ричард Трети и како еден таков мрачен, зол и одмаздољубив лик успева да дојде на власт и да владее? Претставата го отвора и прашањето за колективната одговорност во „создавањето“ и „крунисувањето“ на еден тиранин или автократ.

Во реализацијата на претставата Бектеши собрал голема екипа, бидејќи и во делото на Шекспир има многу ликови. Столб на драмското дејство е ликот на Ричард Трети, кој во оваа претстава маестрално го игра актерот Адем Карага. Неговото чувство за карактерот секогаш оди подалеку од зборовите/репликите и со својот глас и стас понира длабоко во карактеристиките на ликот, со што на многу убедлив начин го опредметува имагинарното, раскажаното или напишаното.

Актерот Адем Карага во сцена од претставата „Ричард Трети“ / Фотографија: Драган Гајиќ

Покрај Адем Карага, во претставата игра голем дел од актерскиот ансамбл на Албанскиот театар: Шкумбин Истрефи, Теута Ајдини Јегени, Вјолца Бектеши Хамити, Амернис Нокшиќи, Абедин Алими, Осман Ахмети, Музбајдин Ќамили, Дритеро Аме, Фисник Зеќири, Ментор Курти, Генци Мирзо, Рахим Рамадани, Сара Бајрами, Гентиана Рамадани, Хетем Етеми, Сабина Мемиши Асланај и Дениз Рустеми.

Динамичната сценографија ја подготви Бетим Зеќири, раскошните костими се на Самка Фери, а композиторот Тримор Доми создаде музика што силно го наметнува ритамот на драмското дејство. Со претставата „Ричард Трети“, Албанскиот театар во Скопје прави уште еден чекор напред кон современиот драмски израз.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 277, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-21.4.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот