
Осудените за „крвавиот четврток“ уживаат во слободата, продолжен им е прекинот во издржување на казната
Наместо во затвор, осудениците во случајот 27 април ќе продолжат да уживаат во слободата откако им е продолжен прекинот во издржување на казната. Како што потврди директорот на штипскиот затвор Дејан Здравков, прекинот им е продолжен на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков (до 21 ноември), тогашниот раководител на одделот за посебни единици во полицијата Митко Пешов (до 16 ноември), ексначалникот во МВР Оливер Поповски (до 22 септември) и полицаецот Душко Лазаров (до 25 септември), додека пак Александар Јаневски – Тошта и Јане Ченто се вратиле во затвор откако им завршил прекинот на 14 август.
Препорачано
Во јули, дел од осудениците за 27 април излегоа на слобода откако директорот на управата за извршување на санкции Александар Пандов, потпиша решенија за нивен отпуст. Пандов при потпишувањето се повикал на членот 225 од Законот за извршување на санкции кој во март годинава доживеа измени.
Овој член предвидува дека на „осудени лица кои се на издржување казна затвор, директорот на Управата во најкус можен рок, а не подолго од 30 дена, донесува решение за прекинување на издржувањето на казната во траење до 30 дена, доколку има потреба или се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест, зависности или породување“.
Александар Пандов, уште во првите јавни настапи од стапување на функцијата рече дека на секој затвореник кој ќе достави медицинска документација ќе му биде издаден прекин на затворската казна.
„Секој затвореник којшто ќе достави медицинска документација до Управата за извршување на санкции, потпишана од лекар специјалист дека во итен период треба да се лекува, ќе му биде издаден прекин“, изјави директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов.
„Слободен печат“ го праша Пандов кои се причините за продолжување на прекинот во издржување на казната на осудениците за 27 април, но ни кажа да се обратиме во судот и таму да го побараме одговорот.
Од СДСМ реагираа на прекинот на затворската казна на дел од осудениците за „крвавиот четврток“ и чинот го нарекоа скандалозен.
„За само две недели од раководството на Пандов четворица осудени за ’27 април‘ со условна казна излегоа од штипскиот затвор? Како беше ослободен Јане Ченто, осуден за насилството со неговата фирма на 27 април? Како беше ослободен Александар Јаневски Тошта, исто така осуден? Како беа ослободени од штипскиот затвор осудените Оливер Поповски и Митко Пешов? Како е можно со потписот на Пандов некој да има пауза од 30 дена казна? Ова се прашањата на кои Пандов мора да одговори“, обвинуваат од СДСМ.
Претседателката Сиљановска-Давкова во своето прво помилување на затвореници на 2 август, не ослободи ниту еден осуденик за „крвавиот четврток“ иако во предизборната кампања најави дека „доколку стане претседателка ќе ги помилува лицата осудени за упадот во собранието“.
Во предизборната кампања, во јавните излагања. Давкова изјави дека делото што им било ставено на товар за време на судењето („терористичко загрозување“) не одговарало на степенот на насилството и дека оваа квалификација била одредена од новинар.
„Тоа се случи за оние кои не сакаа амнестија, сакаат да ја докажат правдата. Ако не завршат постапките во Стразбур и ако сè уште се во затвор – да, ќе ги помилувам. Така ќе дојде до помирување“, изјави тогаш Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека осудениците за 27-ми април бараат правда, а не амнестија.
„Тие луѓе не бараат амнестија, туку правда. Јас се залагам за правда, а тоа е надлежност на обвинителството. Можеме и други случаи да разгледуваме да видиме кои се политички монтирани“, рече Мицкоски.
Осудениците за 27 април беа тема во разговорите за составување на Влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, откако од ВМРО-ДПМНЕ побараа поддршка за создавање на правни можности за ослободување на лицата осудени во случајот 27 април.
Упадот во Собранието се случи на 27 април 2017 година кога околу 300 лица упаднаа во законодавниот дом со цел да го спречат изборот на Талат Џафери за собраниски спикер. Но и покрај упадот и немирите Џафери беше избран за претседател на Собранието, и стана првиот Албанец кој седна на спикерската фотелја.
За упадот во собранието беа обвинети 33 лица,а од нив 15 лица беа помилувани, со законот за амнестија од 2018 година. Амнестијата ги опфати тогашните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски како и организаторите на протестите кои беа наречени „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен и Владо Јовановски. Оперскиот пејач Игор Дурловски, кој исто така беше дел од организаторите, не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда. Со амнестијата се „куртулија“ од затвор и Стефан и Михаил Младеновски, Иван Цветановски, Илија Славески, Митре Питроповски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска.