
„Остен арт“ организираше Биенале на наградени автори во хотелот „Бисер“ кај Струга
Биеналето на наградени автори на „Остен“ е една од главните активности на „Остен арт“, институција од областа на културата за музејска и галериска дејност, кое се одржува во непарните години и се состои од програма за престој на уметници, изложба и доделување награди.
Препорачано
Организаторот поканува наградени уметници на „Остен биенале Скопје“ да творат заедно, да споделуваат идеи и да се дружат. На самиот крај на манифестацијата се изложуваат креираните дела и уметниците добиваат награди.
Таква активност на „Остен арт“ годинава се одвива од 19 до 28 септември во хотелот „Бисер“ кај Струга, а учествуваат уметниците Роберт Дандаров, Мице Јанкуловски, Јорго Ксенос (Грција), Ристо Мијаковски, Данчо Ордев, Новица Трајковски и Симон Шемов.
Водејќи три светски манифестации (Светската галерија на карикатури, Биеналето на современи визуелни уметници и Биеналето на наградени автори), „Остен“ особено внимание обрнува на македонските уметници како дел од глобалната уметничка сцена.
Оваа јубилејна година, 80-години од основањето на „Остен“ (1945-2025), поканети се шест македонски и еден уметник од Грција, а Советот на „Остен“ одлучи да бидат доделени едно Гран-при за Симон Шемов и шест посебни Гран-при за сите други учесници.
Пошироката публика можеше да ги види создадените дела во хотелот „Бисер“, Струга, на 27 септември, каде што беа доделени и наградите на уметниците. Во наредниот период изложбата ќе биде организирана и во Скопје.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 300, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.9.2025)