
Осомничената Димитровска прати писмо до јавноста – комуницирав со семеен пријател пред да биде обвинет
Актуелната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска откако беше осомничена во истрагата за „Адитив“ испрати писмо до јавноста во кое тврди дека осомничениот во „Адитив“ со кого комуницирала и бил семеен пријател кој подоцна станал обвинет во случајот. Со комуникацијата престанала откако му бил одреден притвор.
Препорачано
-Сакам да ја информирам јавноста дека мојата комуникација со семеен пријател, кој подоцна стана обвинет во случајот „Адитив“, се одвивала во период пред да започне постапка за него пред надлежното обвинителство. Од соопштението од ОЈО за ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, или пред да му е изречена мерка притвор по оваа мерка кон него, јас престанувам со комуникација.Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот предметот „Адитив“. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација – се вели во нејзиното обраќање до јавноста.
За оваа комуникација таа изразува жалење и укажува дека е направена без никаква намера да влијае на постапката или на било кој аспект на истрагата.
-Ова го тврдам одговорно. Во Државната комисија за спречување на корупцијата во тек е постапка за проверка на имотната состојба на наведено лице. Со електронската распределба предметот не е доделен за постапување кај мене, а согласно утврдените правила немам никаква можност да влијаам врз текот на постапката или врз исходот. Одлуките на ДКСК се носат колективно, со мнозинство гласови на членовите – тврди Димиторвска.
Порачува дека ќе соработува со надлежните правосудни органи и очекува брза и транспарентна разрешница и дека мерките на претпазливост ќе ги почитува.
Нејзиното писмо го почнува со „како претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата“, што значи се уште нема поднесено оставка и нагласува дека кредибилитетот и интегритетот на институцијата во никој случај не смее да биде оспорен.
-Принципот на презумпција на невиност, односно секој е невин додека не се докаже спротивното, како и принципот на владеење на правото, потребно е да се почитуваат. Останатите 6 члена на институцијата која ја претставувам, немаат никаква поврзаност со делото за кое сум осомничена – вели таа во писмото.
До конечно изјаснување на обвинителството вели дека нема да дава дополнителни јавни изјави, освен ако тоа го наложат околностите, водејќи се од интересот на институционалниот интегритет и транспарентност.
-Очекувам до тогаш да се почитува интегритетот на ДКСК, мојот и интегритетот на моето семејство – порачува таа.
Димитровска стана осомничена во истрагата во „Адитив“ и се товари дека му оддавала тајни информации на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ.
ОД ДКСК за „Слободен печат“ велат дека Димитровска до вчера не депонирала оставка и дека таа се доставува до Собранието и не планираат ниту тие да поднесат оставки.
-Досега во ДКСК не е депонирана оставка од страна на Татјана Димитровска, меѓутоа оставка се доставува до Собранието на РСМ, кое во случај на оставка би требало да констатира престанок на функцијата. Останатите членови не можат да бидат одговорни за дејствија за кои е поведена истражна постапка против претседателката како поединец и оттаму не се чувствуваат повикани да поднесат оставки – велат од ДКСК за „Слободен печат“.