Антонијо Милошоски/Бујар Османи/ Фото Колаж на СП

Османи пак бара Милошоски да ја свика Комисијата за надворешни работи, овојпат за амбасадорот што ќе оди во ЕУ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи преку објава на Фејсбук го повика претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика, Антонијо Милошоски да закаже седница на Комисијата на која би се презентирале тезите на амбасадорот во Мисијата во ЕУ во Брисел, Зулфи Исмаили, бидејќи упатувањето на амбасадор при ЕУ е приоритет за земјата, особено, како што вели, во услови кога после 17 години ги започнавме преговорите.

Милошоски во изјава за „Слободен печат“ вели дека не гледа ништо спорно за свикување на Комисијата и најави дека веројатно ќе ја закаже наредната недела откако ќе заврши 88-та собраниска седница. На таа седница на Комисијата тезите треба да ги презентираат амбасадорите во ЕУ и во Турција, Исмаили и Јово Манасијевски.

Османи, пак во пораката на Фејсбук објаснува зошто е важно што побрзо да се испрати амбасадорот во ЕУ.

-Делегации на преговарачката структура се посветени на сесиите на скрининг процесот; во период кога земјата треба да го покаже својот капацитет за реформи, но и капацитет да ја зголеми апсорпцијата на европските фондови што е директен интерес на секој граѓанин; период на преговори што во секоја земја – членка на Унијата е познат како период на политичка стабилизација и консензус за стратешките интереси низ целиот политички дијапазон.

Веќе следниот месец почнува и билатералниот скрининг за првиот кластер – Фундаментални вредности.

-Уште еднаш ја потенцирам важноста на политички и општествен консензус по прашањето на нашите европски интеграции и да покажеме политичка зрелост пред граѓаните кои за тоа нѐ избрале – напиша Османи.

Тој исто така објаснува дека затоа и изборот за следен амбасадор на земјата при ЕУ бил направен од редот на кариерните дипломати.

-Упатувањето на долгогодишен дипломат во Министерството за надворешни работи, за амбасадор при Европската унија не треба да се одложува – додава Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот