
Османи-Хасани: Македонија и Албанија се чувари на вредностите на европската западна цивилизација на Балканот
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска го пречека албанскиот колега Игли Хасани кој првпат е во посета на Македонија откако е на оваа функција. На средбата двајцата министри разговарале за европскиот пат на двете земји, добрососедските односи, како и економските релации.
Препорачано
– Македонија и Албанија се многу повеќе од добри соседи, тие се пријателски земји со голема меѓусебна поддршка и партнери кои заедно го продолжуваат европскиот пат. Двете земји веќе една година водеа активни преговори со кои успешно го завршија скрининг процесот. Двете земји добија одлични оценки и без никаква задршка се подготвени да ги отворат првите кластери и поглавја од преговорите, порача министерот Османи на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека двете земји се НАТО сојузници, сто проценти усогласени со надворешна и безбедносна политика на Унијата и земји кои имаат висока имплементација на европското во домашното законодавство.
Македонија и Албанија, според Османи, се земји чувари на вредностите на европската западна цивилизација на Балканот и граѓаните со право се нетрпеливи да добијат повеќе од Европа.
– Мојата посета на Скопје има посебна важност. Двете земји покажаа посебна посветеност на европското патување и остварија впечатливи резултати и успешно го започнавме скрининг процесот и сме во исчекување на понатамошните чекори. Заедно поминавме голем дел од ова патување, поддржувајќи и потпомагајќи и сето ова влијаеше да се продлабочи нашата соработка – изјави албанскиот министер Хасани.

Двајцата се согласија дека Македонија и Албанија треба да го продолжат европскиот пат и да направат повеќе за да го видат регионот таму каде што сакаат.
– Тоа не е единствениот, но е најдобриот пат за суштинска реформа на целиот општествен систем од владеење на правото и борбата против организираниот криминал и корупција, преку засилени инвестициски циклуси, поголеми примања, засилена економска активност, па се до унапредување на квалитетот на животот, образованието, здравствените услуги и итн. Тоа е и безбедносно прашање. Во современите предизвици на хибридни закани, надворешни влијанија, но и активна војна на европското тло, интеграцијата на Западниот Балкан во Европа претставува и политичко безбедносно прашање – порача Османи.
Тој заклучи дека Европа, со помош на САД, треба да го зајакне присуството во регионот и да го засили учеството на политиките во земјите до Западен Балкан и со тоа не само да ја зајакне одбранбената улога, туку да испрати и силна порака на одвраќање, како една од клучните безбедносни политики на Европа.

На средбата се дискутирало и за економските релации, кои, како што изјави Османи, заостануваат зад блиските политички односи.
– Трговската размена, којашто е околу 200 милиони евра не соодветствува со капацитетите на двете економии, со потенцијалот на бизнисите, близината на двете земји и воспоставените блиски релации – додаде тој.
Хасани потсети дека еден од проектите на кои соработуваат е Коридорот 8, што после неколку децении не е само документ.
– Овој проект ќе ја трансформира нашата стратешка позиција и нашите перспективи. Денес повеќе од кога било нашите земји делат заеднички интереси и визија за иднината. Албанија ќе продолжи да ги следи активностите во Македонија, особено сега во изборниот процес и посакувам да биде успешен, но пред сè да не донесе промена во посветеноста за европската иднина – порача Хасани.