
Оштетен телекомуникациски кабел меѓу Шведска и Естонија
Во исто време кога беше оштетен гасоводот меѓу Естонија и Финска, наводно оштетен е и подводниот телекомуникациски кабел меѓу Естонија и Шведска. Шведскиот министер за цивилна заштита Карл-Оскар Болин наведува дека властите во последните неколку дена добиле информации за оштетување на кабелот. Сè уште не е јасно што ја предизвикало штетата, пишува Шпигел.
Препорачано
Бидејќи телекомуникацискиот кабел е само делумно оштетен, тој се уште е функционален, рече министерот. Бохлин додава дека инцидентот се случил во истиот период со потенцијалната саботажа на гасоводот меѓу Финска и Естонија. Да потсетиме, на таа траса е откриен и дефект на телекомуникацискиот кабел.
Хелсинки пред десет дена објави дека подморскиот гасовод и телекомуникациските кабли што ги поврзуваат Финска и Естонија под Балтичкото Море можеби биле намерно оштетени. „Сè што можеме да кажеме е дека тоа беше надворешна сила“, рече финскиот министер за животна средина Каи Микенен.
Кога новинарите го прашаа Путин за вмешаноста на Русија, Путин одговори дека тоа е „целосна глупост“. Путин вели дека до неодамна не ни знаел за ваков гасовод бидејќи е мал. Тој, исто така, посочи дека причината за штетата е кинење сидро или земјотрес и предложи Финска да го истражи случајот.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека доколку се открие дека инцидентот бил намерен напад, ќе има „унифициран и решителен одговор“ од сојузниците на НАТО. „Сојузниците изразија силна солидарност со Естонија и Финска додека работат на утврдување на фактите“, рече Столтенберг минатата недела.