Протест на производителите на ориз од Чешиново-Облешево / Фото: МИА

Оризарите го блокираа магистралниот пат во Облешево, незадоволни се од состојбата пред почетокот на сеидбата

Оризопроизводителите од населените места во општина Чешиново-Облешево денеска излегоа на протест и со земјоделска механизација ја блокираа едната коловозна лента од магистралниот пат Кочани – Штип за да го изразат незадоволството од актуелните политики пред почетокот на сеидбата.

На протестот земјоделците изнесоа три барања за кои очекуваат брзо исполнување од надлежните институции, а го повикаа премиерот Христијан Мицкоски на средба со нивни претставници кои ќе го запознаат со лошата состојба.

-Првото барање е корекција на предлог-планот за наводнување на територијата на општина Чешиново-Облешево, второто барање е корекција во исплатата на субвенцијата од 6 денари за килограм, при што тоа да биде за целата предадена арпа, а не за 800 килограми арпа по пријавена површина. Третото барање е што побргу да почне откупот за стоковите резерви. Ако не се промени планот за наводнување ние не можеме да посееме други култури освен ориз, свесни сме дека нема доволно вода во браната Калиманци, но со одредена количина може да се наполнат површините – истакна Стојче Ташовски, земјоделец од Облешево.

Земјоделците се пожалија дека со планот за наводнување во атарот на нивните населени места површините што треба да се сеат со ориз се намалени од 50 до 70 отсто.

Оризопроизводителите попладнево треба да се сретнат и со министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, за да му ги пренесат барањата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот