Органодарителството од кадавер е иднината на трансплантацијата

Органодарителството од кадавер треба да се форсира во Македонија бидејќи тоа е единствената шанса да ги задоволиме потребите на нашите граѓани, смета доктор Сашо Дохчев од Клиниката за урологија. Тој вели дека трансплантацијата од жив дарител која редовно се изведува на оваа клиника е многу одговорна работа во која не смее да има никаква грешка, па токму затоа кадаверичната трансплантација е иднината.

-Трансплантацијата од жив дарител која редовно ја изведуваме е многу одговорна работа. Земате орган или дел од здрав човек, не е тоа пациент и не смее да му се случи апсолутно ништо. Кадаверичната трансплантација е иднината, вели доктор Дохчев.

Професорката Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација зборувајќи за темата трансплантација на органи подвлекува дека се работи за тема што освен што е општествено важна, толку е и длабоко лична.

Донорите направиле најголем чин на човекољубие, а надежта е дека нивните семејства ќе пронајдат утеха во тоа што успеале да спасат повеќе други животи. Во Македонија во моментов има над 200 пациенти што чекаат трансплантација на орган. Оваа листа е динамична и се менува поради тоа што се регрутираат нови пациенти. Некои од пациентите се трансплантираат, некои за жал починуваат.

– Со оваа последна, успешна кадаверична трансплантација каде што за многу краток рок дома беа пуштени два пациенти кои примија бубрег и црн дроб и складирани во коскената банка се коски, лигаменти и ткива, додаваме уште една бројка во статистиката на трансплантацијата која во Македонија се зголемува. Сакам да истакнам дека органдонорството и трансплантацијата се многу значајни.

Зад секоја статистика стојат животи, приказни за надеж, болка за жал и за лична загуба. Секој што овозможил да се изврши кадаверична трансплантација е херој, меѓутоа тивок херој. Тие не можат да зборуваат за своите големи дела, ние сме тука да им оддадеме почит и да не ги заборавиме донорите. Тие преку големата одлука на нивните семејства да даруваат органи имаат импакт да влијаат на други животи, да додадат години и да продолжат животи со квалитет во годините, истакна доктор Кузмановска. 

Здравствените работници се посветени во Македонија да ги унапредуваат процесите на трансплантација со примена на добри медицински практики и интензивна соработка за едукација на докторите од Македонија што учествуваат во вакви процедури.

-Нашата примарна цел е да ги следиме добрите медицински практики од другите земји, да го едуцираме општото население за вредноста на орган-дарителството и секако да ги почитуваме и да им дадеме надеж на пациентите што чекаат орган, додава Кузмановска.

Во земјава е извршена петтата кадаверична трансплантација на црн дроб. Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски вели дека од јули 2024 година петмина пациенти се испратени во странство за трансплантација од живи донори, во најгоелм дел – членови на семејството.

– Мислам дека оваа процедура може битно да ја унапреди состојбата на луѓето кои чекаат трансплантација на црн дроб, кога би можело таа процедура да се изведува тука. Ова може да е поттик, час поскоро да почне да се работат трансплантации од живи донори, рече Клековски.

Деканот на Медицинскиот факултет доктор Светозар Антовиќ го поддржува кадаверичниот програм за трансплантација бидејќи не бара жив дарител.

-Кадаверичната трансплантација се изведува со дарител со мозочна смрт, нема ниту морални ниту етички проблеми и е совршено добро регулирана легислативно. Меѓутоа за овие 2-3 години успеавме да најдеме само толку донори. Ние трансплантивме 5 бидејќи имавме толку донори. Очигледно здравствените капацитети за откривање мозочна смрт во нашата држава засега се лимитирани само на Клиничкиот центар Скопје. Додека не се прошири тој капацитет во целата држава, ќе имаме мал број на донори. Оттука размислуваме да почнеме со трансплантации од живи дарители, што значи дека од здрав човек земаме половина црн дроб и го трансплантираме на пациент што има потреба. Нормално, тоа се секогаш членови на семејството. Меѓутоа тоа е многу посложена трансплантација, бара не само човечко надоградување туку и физички капацитети, истакна Антовиќ.

Според него, тимот мора да се надогради за трансплантациите од жив донор, со навистина подготвен тим, да немаме изненадувања, особено кај донорот.

-Смртноста на тие донори би требало да биде под 0,5 проценти во многу развиени центри. Кадаверичниот процес досега одеше добро, сите пет пациенти кои ги трансплантиравме си заминаа дома, што верувајте, за земја што почнува со трансплантација е навистина одличен успех. Последниот пациент беше исклучително болен, и горд сум што кадарот особено анестезиолозите после операцијата добро го водеа и тој си замина дома. Сакам така да продолжиме и затоа за трансплантации од жив донор сме многу внимателни, тоа мора да го направиме најподготвени што можеме, посочува Антовиќ.

Во земјава дарувањето делови од човечкото тело заради пресадување е доброволно и без надоместок. Забрането е да се дава или прима паричен надоместок или каква било друга корист за дарување на делови од човечкото тело. Земените делови од човечкото тело се даваат на примателите на начин на кој се обезбедува правична достапност на примателите од Националната листа на чекање и во согласност со транспарентни, објективни, етички и општоприфатени медицински критериуми. Дарителот и членовите на неговото семејство не може да имаат никакви права во однос на примателот на органот или ткивото.

Доктор Дохчев истакнува дека од 1977 година се направени 514 трансплантации а надежта е дека ќе се повторат резултатите од пред 10 години, кога Македонија добро котирала.

-За 12 години откако сум јас на чело на тимот за трансплантација направивме бум во бројката на трансплантации, 263 се направени, многу повеќе отколку за претходните 35 години. Успешноста е од 95 до 100 проценти. Најуспешни се 2012 и 2013 година. Во 2014 година во извештајот на светската организација која има регистар на сите земји што работат трансплантации во светот не рангираше на 9-то место во светот за живата трансплантација а на 5-то место во Европа. Тој успех тешко дека некогаш ќе го повториме но ќе се обидеме. Кадаверичната трансплантација ја возобновивме во 2014 и имаме направено 86 трансплантации кадаверични. Се надевам ќе продолжи тој тренд и да го форсираме органодарителството од кадавер зашто тоа е единствената шанса да ги задоволиме потребите на нашите граѓани, заклучува тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот