
Организација за човекови права на Косово повикува да се дочека Лајчак со протести во Приштина
Советот за заштита на човековите права и слободи во Косово (КМДЛЊ), повика претставникот на Европската унија во дијалогот со Србија, Мирослав Лајчак, кој денеска треба да допатува во земјата, да биде пречекан со протести, затоа што, како што нагласува, не побара извинување за играта со карти, каде што Косово е интегрален дел од Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Препорачано
Во соопштението на КМДЛЊ се оценува дека словачкиот дипломат „прави напори да го деформира градењето на мирот во секоја земја каде што имало масовно кршење на човековите права”.
– Албин Курти и сите останати кои евентуално ќе прифатат да се сретнат со еден истакнат милитант против независноста на Косово, без да се дистанцира од неговата валкана игра со карти, без јавно извинување, фактички ризикуваат и самите да бидат дел од сценариото „Лајчак”. Другите сметки од овој политички профитер и измамник, кој ги спроведува плановите на Србија под чадорот на ЕУ, доколку се премине така лесно преку тоа, сигурно ќе стасаат многу бргу, се вели во реакцијата на косовската организација за човекови права.
Во косовската јавност деновиве предизвика бурни реакции снимката на Лајчак од неговата канцеларија во Брисел, каде што зад него се гледа карта на Балканот, на која границите на Косово се поинаку обележани од оние на другите држави, што се толкува како да тој го смета Косово за српска покраина.
Лајчак денеска се очекува да допатува во тридневна официјална посета на Косово, по што ќе ја посети и Србија, а потоа и Црна Гора. Неговата мини-турнеја низ Западен Балкан ќе заврши в петок, на 5 март.
Во Приштина Лајчак ќе се сретне со лидерот на партијата Движење Самоопределување, Албин Курти, кој се очекува да биде иден премиер на Косово, по убедливата победа на неговата партија на вонредните парламентарни избори на 14 февруари. За во Белград е најавена средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.