
Орбан: Унгарија и Украина нема да бидат заедно во ЕУ
Унгарија не сака да биде дел од Европската Унија заедно со Украина, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Препорачано
Според него, судбината на Украина е да живее покрај Русија и да биде во постојана војна со неа, а Унгарија не сака да го носи товарот на страдањето на Украина.
Орбан изјави за јавниот сервис дека неговата земја сака да помогне финансиски колку што може, но без директно испраќање војници во конфликтот, објави МТИ.
Унгарскиот премиер повика на стратешки договор со Украина, сличен на оној што го имаат САД и Турција, нагласувајќи дека Украина треба да остане надвор од ЕУ.
„Унгарскиот народ, како и секој друг народ, има право на оваа позиција“, рече тој.
Орбан додаде дека сè повеќе европски земји се чувствуваат исто, нагласувајќи дека порано или подоцна ковчезите со телата на младите луѓе ќе почнат да се враќаат дома ако конфликтот продолжи.
Тој, исто така, ја критикуваше европската стратегија во војната, нарекувајќи ја илузија.
Според него, планот на Европа да ја исцрпи Русија преку финансиска и воена поддршка за Украина пред руската економија да се распадне, ќе пропадне, со сериозни последици.
Тој предупреди дека голем број животи се губат секојдневно и дека се трошат стотици милиони евра, и нагласи дека за да се постигне мир се потребни прекин на огнот и продолжување на дипломатските преговори.