
Оптимистички прогнози од Британија: Годинава ќе ѝ го видиме крајот на пандемијата
Џејмс Галагер, новинар на Би-би-си специјализиран за здравје и наука, објави опширна анализа во која се пренесени мислењата на најугледните британски експерти, кои предвидуваат дека пандемијата оваа година ќе заврши и светот конечно ќе може да му се врати на нормалниот живот.
Препорачано
Накусо, експертите сметаат дека глобалното владеење на коронавирусот ќе заврши „многу брзо“, но и дека тој нема да исчезне како со „магично стапче“. Наместо тоа, тврдат научниците, ќе мораме да се навикнеме на зборот „ендемски“ вирус, што значи дека Ковид-19 дефинитивно и засекогаш, во некаква форма и обем ќе остане присутен меѓу луѓето.

Професорот Џулијан Хискокс, раководител на Одделот за заразни болести и глобално здравје на Универзитетот во Ливерпул, вели дека до крајот на пандемијата, кој ќе донесе и укинување на бројните рестриктивни мерки, останува малку време.
„Речиси сме таму, ова е почетокот на крајот, барем во Обединетото Кралство. Мислам дека во текот на 2022 година, нашите животи речиси целосно ќе се вратат во предпандемиските времиња“, вели професорот.

Новиот коронавирус се појави пред две години во Вухан и тогаш бевме ранливи, велат експертите.
„Тоа беше сосема нов вирус, со кој нашиот имунолошки систем досега немаше контакт. Дополнително, немавме ниту лекови, ниту вакцина против Ковид-19. „оследицата беше како некој да пукал од пламенофрлач во фабрика за пиротехника. Ковид експлозивно се рашири низ светот, но пожарот што го предизвика не може вечно да гори со ист интензитет“, заклучува новинарот Галагер.
Тој, исто така, вели дека од почетокот имало две опции: или дека ќе го истребиме ковид-19 како што беше направено со еболата во Западна Африка или дека ситуацијата ќе се расчисти сама по себе, или вирусот ќе остане меѓу нас и ќе се приклучи на голем број ендемични болести, како што се настинки, ХИВ, сипаници или туберкулоза. Токму оваа втора опција им изгледаше неизбежна на многу експерти, бидејќи се работи за вирус кој се шири низ воздухот пред да се појават симптомите на заразените.

„Ендемичноста е врежана во овој вирус. Јас сум голем оптимист. Наскоро ќе бидеме во ситуација вирусот да циркулира, а притоа да се грижиме само за заштита на најзагрозените и да прифатиме сите останати да се заразат. Ништо нема да му се случи на просечниот човек, вели д-р Елизабета Гропели, вирусолог од Универзитетот Сент Џорџ.
Епидемиолозите сметаат дека инфекцијата е ендемична кога нејзиното ширење е доследно и предвидливо и без нагли експлозии на бројот на случаи какви што имавме во брановите на оваа пандемија. Сепак, професорката Азра Гани, епидемиолог од Империјалниот колеџ во Лондон, вели дека другите луѓе го користат терминот „ендемичен“ мислејки на живот со ковид, но без ограничувања. И таа верува дека до тоа ќе дојдеме „исклучително брзо“.