Скопје Север/ Фото: Општина Бутел

Општините транспарентноста не ја сфаќаат исто: ДУП-овите „невидливи“ за голем број граѓани

Главните поплаки на жителите се дека не можат да влијаат врз плановите колку што сакаат поради тоа што јавните презентации и анкети не се објавуваат навреме, се одржуваат во работен ден, а доколку сакаат да погледнат некој ДУП или постапката за донесување некој план на веб-страниците на дел од општините, воопшто немаат можност.

Скопјани во последниве години внимателно следат што се планира во деталните урбанистички планови во населбите каде што живеат, дали во нив се вцртани нови згради и улици, дали е испланиран доволно зелен простор, соодветна инфраструктура и други содржини што евентуално би можеле да им го нарушат животниот простор или да ги подобрат условите во него.

Голем дел од граѓаните, особено во општините каде што има здруженија и иницијативи што се борат за подобри услови за живот за жителите, се исклучително активни на јавните анкети пред усвојување некој ДУП, поднесувајќи забелешки и предлози, во насока на донесување што поквалитетен план. Дел од нив се научија и да ги „читаат“ плановите кои се всушност стручни документи, подготвени од архитекти и урбанисти.

Сепак, главните поплаки на жителите се дека не можат да влијаат врз плановите колку што сакаат поради тоа што јавните презентации и анкети не се објавуваат навреме, се одржуваат во работен ден, а доколку сакаат да погледнат некој ДУП или постапката за донесување некој план на веб-страниците на дел од општините, воопшто немаат можност.

 Најголем проблем е што објавите за јавна анкета не се објавени секогаш навреме, ниту нивната видливост е достапна за сите, па кој видел – видел, кој дошол-дошол. На пример, еве јас живеам во Општина Аеродром и на општинската службена веб-страница не можам да погледнам некој ДУП кога ме интересира оти таму владее вистинско безредие. Ниту може да се види дали некој ДУП е донесен, ниту до кај е постапката, па колку и да пребарува човек – објаснува Ивана од Ново Лисиче.

Центарот за граѓански комуникации денеска го објави редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации.

Индекс на активна транспарентност? Фото: Центар за граѓански комуникации

Според ова рангирање, најтранспарентна општина во Скопје е Гази Баба со индекс од 98,6 %, а потоа општините Кисела Вода, Карпош и Центар со индекс 97,1 %, со што сите се вбројуваат во институции со многу добра активна транспарентност. На дното од рангирањето во однос на скопските општини се Чаир, Сарај и Шуто Оризари.

За спроведувањето на рангирањето, до општините биле пратени прашалници со повеќе групи прашања, меѓу кои и дали се објавуваат ДУП/ГУП односно информации за урбанистичкото планирање и дали се објавуваат информации за урбанистичкото планирање, односно одобренија за градба.

Но, доколку граѓаните се обидат на општинските службени интернет-страници да дојдат до информации за донесените детални урбанистички планови или за ДУП-овите во постапка, некаде навистина им е овозможен увид во секој план, но некаде ќе се помачат со пребарување низ страниците и повторно ќе останат без саканата информација.

На веб-страница на Општина Ѓорче Петров, во делот за урбанизам граѓаните можат да ги видат сите усвоени ДУП-ови во изминатите години. Последниот е донесен на 17 февруари 2024 година, на вонредна седница и во него е исцртана изградба на 30-ина згради на просторот помеѓу двата кружни тека во близина на пазарчето. Ако се отвори овој ДУП, ќе се види синтезниот план, кој е тешко разбирлив за најголемиот број граѓани поради тоа што не се стручни во оваа област.

Сите донесени ДУП-ови во Општина Карпош се на онлајн увид на граѓаните, а на огласната табла на веб-страницата се известува за секоја јавна анкета и за други активности поврзани со оваа проблематика.

ДУП-ови на Центар

Највидливо и најлесно за снаоѓање им е на центарци, затоа што на интернет-страницата на нивната општина во категоријата донесени ДУП-ови е дадена е-мапа на Општината со обележени планови по градски четврти и со едноставно кликнување на мапата на делот за кој граѓаните се заинтересирани се отвора потребниот план.

На највисоко рангираната Општина Гази Баба, според индексот на активна транспарентност, е објавена една долга листа на донесени ДУП-ови, урбанистички проекти и урбанистички проекти вон опфат на урбанистички план во периодот од 1997 година до сега. Плановите се поставени во табели, со број на документ и кога е донесен и толку – не е дадена можност онлајн да се отвори и да се види нивната содржина. Според прикажаното во изминатата година и во деветте месеци од оваа година усвоени се три ДУП-а и поголем број урбанистички проекти.

ДУП-ови на Општина Гази Баба

Жителите на Кисела Вода можат да ги видат детални урбанистички планови донесени за градски четврти и блокови во рамки на градски четврти дефинирани за планскиот период 2012-2022, но нема никакви податоци за планскиот опфат ниту кога се усвоени овие планови.

Непрегледно е и на страницата на Општина Бутел, каде доколку некој сака да пронајде ДУП донесен, на пример, пред пет години, ќе треба сериозно да се помачи и повторно може и да не го најде потребниот документ.

На сајтот на Аеродром не може да се направи увид во донесени ДУП-ови ниту да се погледне планот, а на Општина Шуто Оризари многу малку од плановите може да се отворат и видат.

Општините Сарај и Чаир воопшто не се ангажирале на своите сограѓани да им понудат ваква можност, на нивните страници нема никакви податоци за урбанистички планови.

Поради ваквата состојба се чини дека во најдобра ситуација се жителите на Ѓорче Петров, Карпош и Центар, кои имаат увид во ДУП-овите во секое време, па и кога имаат забелешки и не се задоволни, можат барем да реагираат и да се обидат да издејствуваат некаква корекција, односно да иницираат измени и дополнувања.

Скоро половина од институциите не се активно транспарентни како лани

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот