Општините плаќаат големи суми пари за податоците на Катастар

Фото: Слободен печат/ Анета Стојковска

Барање за обезбедување електронски систем за спроведување на постапките за наплата на данок на имот, во примена на даночната политика кон сите даночни обврзници еднакво беше една од темите на кои се разговарало на петтото генерално Собрание на Заедницата на единици на локална самоуправа.

Во изјава за медиумите на прашањето поврзано со наплатата на данокот за имот, претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски нагласи дека општините и Град Скопје имаат затворена врата од институциите. Како што објасни Ѓорѓиевски, за да се ажурира системот за наплата, за податоците што општините треба да ги обезбедат од Катастар им се бараат големи суми на пари што е дополнително отежнување за буџетот на општините.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода како пример го посочи Централниот регистар, кој, како што рече, бесплатно ги добива податоците од Катастарот, додека на општините им се наплатува, што според него, не е фер ниту е коректно.

 Имаме низа дописи до Владата и до Катастар каде што го посочувам примерот на Централен регистар и останатите што ги добиваат услугите бесплатно, бараме истото да се обезбеди за општините, затоа што на крајот на денот сите ние партиципираме во државните буџети, во касите на државата. Од тие државни буџети и каси се финансира институцијата Катастар и логички е да ги добиваме тие податоци како општини бесплатно – рече Ѓорѓиевски.

На овој проблем уште пред неколку месеци укажа градоначалничката Данела Арсовска, која посочи дека една четвртина од сопствениците на имоти во Скопје не плаќаат данок затоа што нивните имоти не се внесени во системот за наплата на даноци на Град Скопје, а вината за тоа ја префрли на Агенцијата за катастар на недвижности.

Арсовска се пожали дека доколку сакаат да ги добијат податоците, треба да платат два милиони евра, но и тогаш би ги добиле нецелосни, без матичен број, па од нив Градот не би имал полза. Таа посочи дека податоците ги бара веќе една година, но добива само некакви оправдувања од другата страна. Градоначалничката дури јавно изрази сомнеж дека зад ваквата постапка на Агенцијата се крие нешто друго, односно дека на ваков начин се кријат имотите на многу лица од јавниот и од општествениот живот.

На обвинувањата на градоначалничката веднаш реагираа од Катастар. Според нив, со ваквите тврдења градоначалничката бара оправдување за состојбата во која го доведе градот.

Град Скопје нема побарано, ниту добиено, пресметка од АКН, ниту, пак, информација колку би чинела вкупната сума на бараните податоци. Затоа, сумата со која градоначалничката манипулира е чиста дезинформација, поттикнување незадоволство и прикривање на сопствените слабости – посочија од Катастар и додадоа дека такво барање е доставено до Владата во февруари 2022 година, во улога на претседател на ЗЕЛС.

Оттаму објаснија дека испратиле детален одговор во кој, меѓу другото, наведуваат и дека ЗЕЛС не постапуваат по дадените законски обврски во однос на Регистарот на просторни единици за кој не се доставува соодветна урбанистичко-планска документација, потоа во однос на Графичкиот регистар на градежно земјиште, за кој АКН побарала корисниците кои пристапуваат до Регистарот да се ажурираат, тоа не било направено што, според нив, може да предизвика проблеми во постапката на донесување на планската документација. И на крај, како што наведоа во реакцијата, во Графичкиот регистар на улици и куќни броеви не се почитуваат одредбите од Законот за определување имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, па според нив, градоначалничката е должна да одговори зошто не постапува според позитивните законски прописи и обврските на Град Скопје.

Од Катастар посочија дека за да се излезе во пресрет на потребите на локалната самоуправа, Владата и Катастар ги намалиле цените на 20 денари по податок за секоја недвижност, односно за 60 отсто е намалена сумата што се наплаќа за овие податоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот