Општина Аеродром: Потпреседателката на СДСМ издава дозволи, партијата глуми шок

СДСМ со денешното соопштение до јавноста во кое фокусот им е ставен на Општина Аеродром, уште еднаш ја покажаа нивната неподготвеност и желба за освојување ситни поени неосновано и без никакви факти. Оваа партија, поведена од снимките од пред неколку дена објавени од страна на градоначалничката на Град Скопје, како што и самите велат како од некое „нискобуџетно реално шоу“, повторно се заплеткаа во магичнит круг на недоволна информираност и брзоплетост, реагираат од Општина Аеродром, откако СДСМ обвинија дека масовно се уништува животната средина во Аеродром.

Масовно се уништува животната средина во Аеродром, тврди СДСМ

– За нештата да бидат јасни сакаме да ја информираме јавноста дека инспекторот за животна средина на Општина Аеродром на 15.5.2025 година изврши инспекциски надзор по кој е изготвен записник за констатација со број ИП1 311/2025 од 15.5.2025 година, при што е констатирано дека АД „Водостопанство“ поседува решение за издавање дозвола за вадење песок, чакал и камен од коритата и бреговите на водните тела (Река Вардар) со важност до 10.9.2025 година. Решението е издадено врз основа на член 142 став 7 од Законот за водите од страна на Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање на 10.11.2023 година од тогашната министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, која е актуелна потпретседателка на СДСМ – појаснуваат од Општината.

Оттаму велат дека АД „Водостопанство“ поседува решение за одобрување на елаборат за заштита на животната средина, издадено од Управата за животна средина врз основа на член 24 став 7 од Законот за животна средина, одобрено на 21.7.2023 година, исто така од тогашната министерка Шукова.

– Напоменуваме дека за сепарација, односно инсталации за ископ, дробење и мелење на минерални суровини е надлежен Град Скопје, согласно со уредбата за определување на активностите на инсталациите за која е потребна Б интегрирана еколошка дозвола, како за издавање, така и за спроведување инспекциски надзор. Сето ова горенаведено, покажува колкаво непознавање има СДСМ кога станува збор за спроведување на надлежностите, како на централната, така и на локалната власт. Оттука, прашуваме, дали СДСМ се запознаени со работата на нивните поранешни министри, меѓу кои е и Каја Шукова, која до пред некое време беше министерка во Владата на СДСМ и ги спроведуваше политиките на оваа партија како владејачка во земјава, а сега е во врвот на истата таа најголема опозициска партија – се додава во соопштението.

Од Општината им порачаа на СДСМ прашањата наместо до нив, да ги постават во своите редови, со цел во иднина да не доаѓа до забуни и празни желби за манипулации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот