Опозицијата бара кривична одговорност за исечените дрвја кај Ветеринарната станица во Битола

Во Битола не престануваат меѓусебните обвинувања на власта и опозицијата околу изградбата на кружниот тек кај Ветеринарната станица, каде што треба да биде поставен споменикот на Александар Турунџев, којшто цели осум години „виси“ во дворот на Општината.

Револтот на граѓаните и опозицијата е особено голем поради сечењето на дрвја стари дури и по 40 години.

Од опозициската СДСМ којашто во моментот со независната листа „Поинаку“ има мнозинство во Советот на Битола се заканија и со поднесување на кривични пријави против сите оние коишто ги исекоа дрвјата.

– Врз основа на кој проект ЈП „Комуналец“ ги исече дрвјата? На оној стариот од 2015 година, нацртан од Владимир Талески за кој сите советници, освен советниците на ДПМНЕ, побараа ревизија или има некој нов проект за кружниот тек што ќе се гради тука? Коњановски и советниците од ДПМНЕ да го донесат проектот врз основа на кој се исекоа дрвјата за да можат сите битолчани да видат за што ќе се потрошат 200.000 евра од нивните пари. Дали општинскиот инспекторат за животна средина даде дозвола да се исечат дрвјата кај Ветеринарното? Ја повикуваме инспекторката Јулијана Ивановска да ја објави одлуката со која го дозволила тоа-обвини советникот на СДСМ, Борче Корлевски.

На ваквите обвинувања на СДСМ, остро реагираше градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. Тој вели дека се испочитувани сите законски постапки за кружниот тек кај Ветеринарната станица.

-Во последно време СДСМ во јавноста излегува со разни невистини и шпекулации. Ист е случајот со изградбата на кружниот тек кај Ветеринарната станица. Кружниот тек се прави согласно проектот за употреба и одржување на коловоз за крстосница за ул.„Прилепска“ и ул.„Баталјон Стив Наумов“, за чија реализација се предвидени средства во буџетот на Општината, после прифаќањето на амандманот на ВМРО-ДПМНЕ и добиената едногласна поддршка од сите советници, на 22 седница одржана на 28.12.2022 година. За непречена реализација на проектот на предвидената траса, беше утврдено дека е потребно сечење на дрвја, при што, постапено е согласно Законот за урбано зеленило и Одлуката за комунален ред на Општина Битола и изготвено е решение со кое ЈП „Комуналец“ доби задолжение за расчистување на теренот и негово оспособување за изведување на градежните активности за реализација на проектот. Притоа, не беше повикана полициска асистенција ниту од страна на Општината, ниту од страна на ЈП „Комуналец“, затоа што, активностите не влијаеа на сообраќајниот режим. Лага е дека постапувањето е извршено со полициска асистенција, како што е лага и дека потребно било постапување од страна на општинскиот инспекторат, затоа што испочитувани се сите законски постапки, врз основа на кои е донесено и решението за постапување. Верувам дека, ширењето лаги и невистини ќе запре, затоа што Општината Битола продолжува со реализација на сите оние проекти кои добија поддршка од граѓаните, меѓу кои е и проектот за изградба на кружен тек кај Ветеринарната станица-рече на прес-конференција градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот