Оперската уметност силно допира до човековото срце

По повод Меѓународниот ден на операта – 25 октомври, македонската порака ја напиша доајенот на македонската опера Милка Ефтимова. Коавтор и уредник на пораката е д-р Александар Трајковски, а истата ја сподели екипата на Македонскиот центар „ИТИ/Продукција“.

Во пораката на оперската примадона Милка Ефтимова стои:

– Ми претставува особена чест, во годината кога македонскиот оперски живот прославува два големи и значајни јубилеја – 75 години од формирањето на националната оперска куќа, а воедно и 50 години откако единствениот оперски фестивал во регионов и пошироко, „Мајските оперски вечери“, го започна својот раскошен и спектакуларен од по патот на уметноста, да ја пренесам пораката по повод Светскиот ден на операта.

Во таа чест, како уметник кој со своите сценски креации и концертни изведби, уште од самите почетоци директно учествувал во испишувањето на историјата на оперското исполнителство кај нас, но и како педагог кој стекнатите професионални знаења им ги пренел на своите студенти, денес успешни и афирмирани оперски пејачи, сакам да ги поврзам минатото, сегашноста и иднината. А, нив, можам да ги поврзам само со љубов. Љубов кон животот, љубов кон публиката, љубов кон музиката… Бидејќи операта, како најкомплексна и најсложена уметничка форма се создава и се восприема само со љубов. Тогаш, состојбата на човековиот дух преминува во друга димензија, во која моќта на оперската уметност може негативната енергија да ја трансформира во позитивна, невозможното да го претвори во возможно и апстрактното да го направи конкретно. Едноставно, да ја промени реалноста. Токму затоа, во овие времиња кога човештвото се соочува со многу предизвици, за сите оние кои живеат и дишат со оперската музика, токму таа претставува нивниот најголем прозорец кон поубавото и попријатното.

Посакувам во иднина, оперската уметност како производ на творечката имагинација на голем број великани од музичката историја и современост, преку изведбите во живо на актуелните уметници, но и преку снимените аудио и видео изданија на сите оние кои ги овековечиле своите интерпретации, уште повеќе и многу посилно да допира до човековото срце и што подлабоко да продира во човековата душа – порача Милка Ефтимова.

Милка Ефтимова (26 февруари 1936, Радовиш) е истакната македонска оперска пејачка, првенка на Македонскиот народен театар, редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и концертен уметник со извонредно широк дијапазон на репертоарот. Во мај 1961 година, како член и солист на Хорот на Словенечката филхармонија настапила во Виена под диригентската палка на големиот Ловро фон Матачиќ, изведувајќи повеќе солистички делници. Матачиќ самоиницијативно работел со Милка врз партитурата на Кармен, толкувајќи низа музички и психолошки детали за овој лик. Непосредно по концертот во Виена тој ѝ понудил ангажман со операта „Кармен“ во Франкфурт, со убедување дека во кусо време ѝ претстои блескава кариера. Бидејќи Милка била стипендист на скопската опера, во налет на чувства на одговорност и на инсистирање на Скалоски и на Кочко, есента во 1961 година станала солист на Операта при Македонскиот народен театар во Скопје.

На 15 декември 1961 година за првпат застанала на сцената на оперскиот театар. Првата улога и била Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“ заедно со Данка Фирфова како Леонора, Марио Ѓуранац како Манрико и Енцо Серини како Луна, диригент бил Александар Лековски. Салата била преполна, многу аплаузи и добила букет од Лазар Колишевски, тогашен претседател на Република Македонија.

По „Трубадур“ настапува во „Кавалерија Рустикана“, „Мадам Бетерфлај“, „Орфеј и Евридика“. Во тој период таа многу учи од диригентот Фимчо Муратовски и Ладислав Перлдик, вонсериски оперски корепетитор и диригент.

На втората фестивалска година од Охридското музичко лето настапила како солист во кантатата „Величание“ на Тодор Скаловски.

Веќе во 1963 година со диригентот Фимчо Муратовски подготвиле програма за натпревар на Вториот меѓународен конкурс во Софија, каде ја добила третата награда од 117 кандидата од 26 држави. Претседател на жирито бил Тоти Дал Монте од Италија. Од Метрополитен операта од Њујорк Курт Адлер, односно вкупно 23 еминетни уметници, напишале за Милка – „најпрекрасниот глас и најшармантната певица“.

За отворањето на новата монтажна зграда на МНТ во 1965 година (после земјотресот) Милка реализирала една нова улога, која со текот на годините станала и нејзин симбол – Кармен во истоимената опера на Жорж Бизе. Од оперската сцена јубилејно се простила со Кармен на 6.11.1991 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот