
ОН во финансиска криза: Нема пари, нема вработувања, штедат на струја и греење
Обединетите нации се наоѓаат во најголемата финансиска криза во последната деценија.
Препорачано
Според организацијата, оперативниот буџет има недостаток од скоро 1,2 милијарди долари, како резултат на долгот на некои земји.
Ескалаторот во седиштето на Обединетите нации во Њујорк е опкружен со жолта лента и пишува: „надвор од употреба“. Сцената можеби не изгледа толку важна на прв поглед, но секако ја симболизира целата сериозност на финансиската криза со која се соочува организацијата затоа што десетици земји доцнат со годишните исплати.
Ова е само една од мерките за штедење што ОН ги воведе „заради најголемата финансиска криза со која се соочи светската организација во последните десет години, според генералниот секретар Антонио Гутереш.
Обединетите нации престанаа да вработуваат и ги откажуваат официјалните патувања и состаноци што би подразбираат плаќање прекувремено работно време. Покрај тоа, трошоците за греење и климатизација се ограничени.
ОН не можат да позајмуваат
Која е главната причина за проблемот со кој се соочија Обединетите нации?
Само 134 од 193 земји-членки ги платиле своите придонеси за оваа година, со тоа Светската организација останата „кратка“ за скоро 1,2 милијарди долари за оваа година, при што најголеми должници се САД, Аргентина, Бразил, Израел и Иран.
Ова не е првпат Обединетите нации, кои не можат да се задолжуваат и позајмуваат, да се соочат со недостиг на пари на крајот на годината. САД, земја која најмногу плаќа на ОН, обично ја плаќаат својата обврска во ноември, а во моментов должат најмалку 100 милиони долари за оваа и претходните години.
Трамп: Нека плаќаат сите, не само ние
Коментирајќи ги вестите за финансиските проблеми на Обединетите нации, американскиот претседател Доналд Трамп на својот твитер профил напиша: „Нека плаќаат сите држави членки, не само САД“.
Недостаток на пари се надоврзува и на фактот дека другите земји сè повеќе ги одложуваат плаќањата. Сепак, експертот на ОН, Ричард Гаван, од кризната група верува дека нема причина да се плашиме за иднината на ОН.
– Дури и САД на крајот ќе ги исполнат повеќето финансиски обврски – вели Гаван, додавајќи дека ОН се соочуваат со повеќе проблеми со ликвидноста, отколку со целосна финансиска криза.