Едвард Бонд (1934 - 2024)

Омаж на драмскиот автор Едвард Бонд ќе се одржи на Факултетот за драмски уметности во Скопје

На Факултетот за драмски уметности во Скопје на 21 март, со почеток во 19.30 часот, ќе се одржи омаж посветен на Едвард Бонд, еден од најзначајните драмски автори на нашето време. Тематски наслов на омажот е „Драмата е суштинска за нашата човечност“.

На значењето и на различните аспекти на театарот на Бонд ќе се осврнат театарскиот режисер и професор Владимир Милчин, кој има поставено повеќе пиеси од овој автор, и театрологот и професор Деспина Ангеловска.

Во омажот, со свој придонес, ќе учествуваат и студентите од ФДУ: Моника Ставреска, Лора Штарго, Оливија Трајковска, Кристијан Танчевски, Енис Билаловиќ и Мартина Петреска.

Едвард Бонд, кој почина на 3 март 2024 година на 89-годишна возраст, е еден од најзначајните современи драмски автори. Роден во 1934 година, во работничко семејство во Лондон, драматург автодидакт и марксист по убедување, тој е автор на педесетина драми и на бројни есеи за театарот.

Неговата скандалозна пиеса „Спасени“ (1965), забранета при своето појавување, ќе биде пресудна за укинувањето на цензурата во театарот во Обединетото Кралство.

Бонд отсекогаш бил многу контроверзен поради насилството што ги проникнува неговите драми, но и поради бескопромисниот став кон капитализмот и комерцијалниот театар. Едно од клучните прашања што го опседнува неговото дело е како да се биде човечен во нечовечно општество.

Неуморен борец за правда, убеден во способноста на драмата да ја менува реалноста, Бонд се посветува и на пишувањето за помладата публика, поттикнат од мислата дека промената е можна токму преку младите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот