
ОЈО: „Вања страдала, а тие внимателно ја слушале од каде може да се наплатат, бараме доживотен затвор“
Доживотен затвор за Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски побара од судот обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.
Препорачано
Осудителна пресуда Обвинителството побара и за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски иако наведе дека нема ниеден доказ во поглед на телефонска комуникација меѓу него и групата на Палевски. Сепак, обвинителката Стојковиќ Димитровска истакна дека Боре Видевски и Велибор Манев во обвинителството непринудени и во посебни простории, дале исказ оти Палевски информацијата за тоа кога Вања ќе ја напушти зградата сама, ја добил од Александар Ѓорчевски – исказ што и Боре и Велибор го негираа во судница.
-Најголемата одбрана на Александар Ѓорчевски ја направија останатите обвинети. Иако Боре Видевски и Велибор Манев пред Јавното обвинителство изјавуваа дека информацијата за времето на напуштање на зградата на Вања, Палевски ја добил од таткото, тие изјави на главната расправа ги негираа.
Полицијата до денот на приведувањето го третираше Александар како оштетена страна и затоа неосновано е дека таквиот исказ на Велибор и Боре каде го посочуваат Александар Ѓорчевски, биле дадени под тортура.
И да биле под присила, можеле да го сменат исказот пред Јавното обвинителство што не беше сторено. Информацијата дека Вања сама ќе оди на училиште во понеделник е круцијална, зашто групата немала намера да грабне две тинејџерки и да ги стави во еден багажник.
Сама Вања им била целта и затоа им требало да знаат дека сама ќе оди во училиште во понеделник. А тоа било објавено во „Вибер“ групата и како информација го имале само мајката и таткото на Вања. Манев и Видевски го посочуваат само таткото, испитувани во различни простории во полиција и без да имаат можност да се координираат, рече Ана Стојковиќ Димитровска.

За неа не е чудно што не постои доказ за комуникација меѓу Александар Ѓорчевски и било кој од групата на Палевски.
-Не постои доказ за комуникација меѓу Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски и логично е дека нема. Палевски има 4 телефони, на кои направил форматирање пред апсењето. Но, имал и друг телефон кој не бил поврзан на интернет и никој од другите обвинети не му го знаеле бројот. Александар го сторил кривичното дело што му се става на товар. Не тврдиме дека имал умисла дека ќе биде убиена туку само дека ќе се грабне, за да се бара откуп за неа, рече Стојковиќ Димитровска.
Адвокатот на Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ тврди дека јавното обвинителство нема презентирано ниеден доказ за било каква вмешаност или инволвираност на таткото.
-Немаат доказ за комуникација на Александар со Палевски како што стои во описот на обвинителниот акт. Напротив, во завршниот збор обвинителството е контрадикторно. Нивниот завршен збор е контрадикторен сам по себе, зашто на некој начин директно го опишаа планот и дејствијата на останатите обвинети со кои ОЈО докажува дека овие луѓе имале претходно разработен план. Дека од првото грабнување се откажале. Објаснија зошто се откажале и дека реализацијата на планот е завршена во понеделникот. Никаде не е спомнат ниту таткото ниту било каква конекција со него во врска со извршување на кривичното дело. Се друго е шпекулација и задржувам за право на 18 јуни да кажам што имам во завршниот збор, рече Туфегџиќ.

Обвинителката во завршните зборови рече дека обвинетите ја следеле Вања подолг период, а кога „би немале точна информација дека ќе оди сама на училиште во понеделник, тоа би значело дека нема да има ни грабнување зашто не биле спремни за киднапирање на две деца“.
-Ѓаволот е во деталите. Двајцата Велибор Манев и Боре Видевски посочуваат во исказите, дека последните зборови на Вања биле „тато не не сака, од мама барајте таа ќе даде се“. Ѓорчевски вечерта ѝ напишал порака да се облече во неколку слоеви, порака каква што никогаш претходно не испратил. Зборуваа дека полицијата била неспособна, но тоа не е точно зашто датумот на кој Александар му ја праќа сликата од „цитроенот“ на началникот, е ден во кој полицијата веќе се подготвува за претрес во партијата „Десна“.
На сликата не се гледа ни марката, ни бојата на возилото, за да се знае за кое возило се работи. Исказот на сведокот Гоце Трајковски дека за исчезнувањето на „цитроенот“ дознал на Фејсбук и на Пазар Три е несериозно. Не е само ова возило старо и не само на ова возило му чади ауспухот. Околу 25 возила поминуваат, ама само ова е испратено во полиција дека е сомнително, објаснуваше обвинителката и побара осудителна пресуда за таткото.

За сите други четворица побара доживотен затвор. Љупчо Палевски е првообвинет за грабнувањата и убиствата и него тројца од сообвинетите го посочуваат како главен креатор на морбидниот план и егзекутор. Обвинителката рече дека Палевски нема алиби за дента кога е убиена Вања, ама дека се обидел да го креира, на начин што после убиството отишол во „Халк“ банка, за да плати кирија за партијата „Десна“ еден месец однапред, со што ја исцедил банкарската сметка на 323 денари.
Во периодот на вршењето на убиствата, според обвинителството Палевски немал телефонски комуникации зашто мобилниот телефон како и останатите обвинети, не го носел со себе. Обвинителката рече дека Палевски во текот на судењето се обидел да направи привидно алиби, дека наводно поправал котли кај Ерол Османи, нешто што е негирано и докажано, зашто со Ерол Османи се сретнал дури 6 дена подоцна од датумот што го навел.
-Османи нема мотив да лаже и категорично остана на тврдењето. За 27 ноември Палевски вели оти бил во „Халк“ банка, ама уплатницата е од 11 часот и 44 минути а убиството е во 9 сабајле. Реното кангу се враќа во партијата „Десна“ во 10. Несериозно е неговото образложение дека чекал ред во банка три часа со сведок што не сака да дојде во судница, рекоа од обвинителството.

Стојковиќ Димитровска тврди дека Палевски отстранувал ДНК оттисоци од возилото, темелно се подготвувал. добро ја знаел зградата од која беше грабната Вања Ѓорчевска зашто самиот со својата фирма „Упа Ентерпрајз“ ја градел. Рече дека дури и да е извршено убиството со пиштолот на Боре Видевски, повторно логичен заклучок е дека Палевски бил тој што пукал.
-Сите ги сториле делата за кои се обвинети, се подготвувале долго и темелно. Примарна цел им била Вања, а Панче бил пречка за остварување на таа цел. Нивната умисла е да се земат пари од семејството. Го донеле Панче во состојба на потчинетост. Не им требал Панче туку неговото старо возило. Планот им се расипал кога не им успеало грабнувањето на Вања во петокот, но тоа не ги поколебало, напротив уште подобро се подготвиле, порано тргнале да го грабнат детето. Возилото го паркирале во агол каде нема домет на видео-надзорот, не дозволиле детето да биде видено надвор од зградата. Комуницирале со радио врски, носеле ракавици, алати. На враќање во партија се пиело кафе, се држеле поткасти, се береле јаболка, објаснуваше обвинителката.
Таа зборуваше за хоророт што го преживеале жртвите во рацете на егзекуторите.
-Грабнати, врзани, носени до место и убиени. Свесни дека ќе бидат убиени. Овие страдања се катастрофични и од висок интензитет поради што двете жртви претрпеле тешко психичко страдање. Детето било совладано, да страда, пикнато во темна вреќа. Кои ли мисли му се вртеле во глава… А тие внимателно ја слушале како објаснува од каде може да се наплатат. Бараме доживотен затвор, рече таа.

Јавноста постојано се прашуваше кој е мотивот односно зошто е убиена Вања Ѓорчевска.
-Мотивот е субјективен однос на сторителот на делото и може да е видлив или невидлив. Може да е разбирлив а може и да не е. Отсуство на мотив не значи пречка да биде осуден.
Двете убиства носат казна од најмалку 10 до најмногу доживотен затвор. Но оваа разлика од 10 години до доживотен затвор е голема. Судот треба со особена внимателност да го цени начинот на убиствата, бескрупулозноста и непоколебливоста во намерата.
Сите се на зрела возраст, родители. Сите се нашле во улога на воспитувачи. Наместо да пренесат мудрост на младите, тие ова го направиле. Па и политички фактор претендирале да бидат. Судот да го цени и калкулантскиот однос на Манев и Кешишев, рече обвинителката.
Во судница се читаше и писмо на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска упатено до судот во кое таа вели дека живее со тешка и необјаснива болка.
-Сите обвинети се изјаснија дека не чувствуваат вина и постојано слушаме различни теории на заговор, одбрани базирани на наводен политички прогон, местенки и безбројни приговори.
Но еден факт е непобитен – ја нема Вања, ја киднапирале. Го убиле безмилосно на најбрутален начин детето мое. Кога ќе слушневме за некој немил настан од светот на телевизија, на двете мои ќерки им велев дека вакви работи во Македонија не се случуваат. Далечни ми беа. Ми се случи токму на мене и на моето најмило и не смее да се повтори. Ниеден родител не смее да го испрати детето во училиште и по една недела да го најде во мртовечки сандак.
Вања не е само број туку живот со очи, и глас и пламен. Имаше 14 години правеше планови за зимување летување, сакаше да гледа стари филмови од 70-те и 80-те, ги знаеше знамињата и главните градови на сите држави во светот. Кога ќе ја заинтересираше некоја тема, ја проучуваше детално наоѓајќи одговор за секое прашање.
Ја сакаше историјата и последното утро стана, си ја пушти омилената песна и потпевнувајќи, се подготви за на училиште. Ја испратив до врата и реков „се слушаме мама подоцна“. Тоа беше последен пат да ја видам. Не ја дочека полуматурата ни да ги искуси животните предизвици со соучениците, се наведува во писмото до судот што адвокатките на Зорица Ѓорчевска го прочитаа пред судот.