
Охрид доби „мол“, а Струга „ритејл парк“ – туристите ќе можат да одмораат со купување
Во рок од една недела, точно навреме пред почетокот на туристичката сезона, на крајбрежјето на Охридското Езеро се отворени два големи трговски објекти – по еден во Струга и во Охрид, со што туристичката понуда покрај езерото добива конзумеристичка „нота“, односно на посетителите им се нуди да купуваат додека одмораат.
Препорачано
Минатата недела, во Струга официјално беше отворен „Набизи ритејл парк“, трговски центар од отворен тип на површина од 85.000 метри квадратни, со 1.000 места за паркинг – инвестиција на локалните бизнисмени, браќата Камбер и Насуф Бизати.
Во обраќањето на свеченоста, Насуф Бизати рече дека за неговото семејство, трговскиот центар е „личен обид да вратат нешто назад на градот, на заедницата и на сите кои со години им даваат доверба“.
– Верувавме во идејата дека и во еден помал град може да се создаде нешто модерно, квалитетно и вредно. Се стремевме да изградиме простор кој ќе биде функционален, убав, достапен, место каде што ќе живее градот, а не само да го исполнува, рече тој.
Денес, пак, во Охрид беше отворен „Охрид мол“, трговски центар со површина од над 17.000 м2, за кој инвеститорите наведоа дека веруваат оти ќе прерасне во „нова современа дестинација во Охрид и регионот“.
Инвеститорот и сопственик на „Охрид Мол“, Влатко Богоевски, упати благодарност до клучните фактори за реализација на проектот.
– Се надевам имаме не само модерен трговски центар, туку и место каде што граѓаните на Охрид ќе се чувствуваат пријатно, ќе креираат убави спомени, ќе купуваат и ќе се забавуваат, рече Богоевски, додавајќи дека објектот ќе отвори 200 работни места.
Во Струга, на отворањето на „ритејл паркот“ дојде градоначалникот Рамис Мерко, а во Охрид на свеченоста присуствуваше неговиот колега Кирил Пецаков.
Тој рече дека ова се значајна инвестиција за економскиот развој на Охрид, за отворањето на нови работни места и за развој на туризмот.
-„Охрид Мол“ не е само збир на продавници и брендови, тој ќе биде нова енергија во пулсот на градот, нова точка за забава, место каде што секој чекор ќе значи можност за работа, купување, за дружење, за инспирација… Овој простор претставува спој меѓу традицијата и модерното живеење и е важен доказ дека Охрид може да ја чува својата историја, но и храбро да чекори напред кон иднината. Денешниот ден покажува дека ваквите економски проекти го менуваат секојдневието, го збогатуваат животот на една средина и оставаат трајна вредност за генерациите што доаѓаат, рече Пецаков.