
Огромен интерес за монобајката на Оливера Балашевиќ во МНТ
Според информациите до кои дојде „Слободен печат“, во пресрет на гостувањето на Оливера Балашевиќ во Скопје, со монобајката „Презимето на розата“ во Македонскиот народен театар на 15 март, владее огромен интерес.
Препорачано
Голем дел од капацитетот за македонската премиера е веќе распродаден, а за остатокот публиката постојано се јавува во МНТ, да резервира билет, кој ќе ја однесе на едно прекрасно носталгично патување во минатото.

Без сомнение, билетите за претставата ќе бидат распродадени многу пред доаѓањето на госпоѓата Балашевиќ во Скопје, на кое Оливера, по изведба на нејзината монобајка ќе го претстави романот „Планета двориште“, според чии мотиви е родена оваа монодрама.
– Книгата „Планета Двориште“ и монобајката „Презимето на розата“ имаат точка на преплетување, моменти на поврзување и блискост, но секоја од нив има свое независно постоење. Некаде во времето, како и во мојата имагинација, тие се сретнаа, си мафнаа една на друга, и продолжија, секоја по својот пат – кажа Оливера неодамна, во ексклузивното божиќно интервју за „Слободен печат“.

Нејзиниот прв роман „Планета двориште“, како што стои во една рецензија, е еден од современите романи, кој одговара на прашањето како треба да се чита еден таков роман, а со својата содржина докажува и покажува две елементарни работи – какви автори денес се сметаат за најквалитетни и како да се доживее прочитаното. Меша Селимовиќ еднаш изјави дека воопшто не може да се пишува ако човекот нема два квалитета – ако не е крајно амбициозен или ако не доживеал тешки страдања и има потреба да се исповеда и проектира во просторот со што е најмногу опседнат.
Оливера Савиќ-Балашевиќ можеби би можеле да ја наречеме амбициозна во најблага можна форма, а нејзината амбиција е исто толку голема колку и нејзината желба (и трпение) да го спаси своето детство и сè што го сочинувало на хартија од заборав и кратки заклучоци извлечени од вообичаените места, создавајќи еден вид „биографија на сеќавања и чувства“.
Несомнено, најдоброто од Оливера Балашевиќ македонската публика ќе го добие на 15 март во Македонскиот народен театар, каде, за првпат пред нашата публика, ќе ја изведе монобајката „Презимето на розата“.