
Оградување, 24-часовен надзор и забрана за влез – Каја Шукова го претстави планот за решавање на проблемот со Вардариште
Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска на прес-конференција го претстави својот план за решавање на дивата депонија Вардариште. Таа порача дека решението ќе се реализира во две фази и е реална алтернатива на, како што рече, празните ветувања на нејзиниот противкандидат Орце Ѓорѓиевски.
Препорачано
„Граѓаните вчера на протест јасно порачаа – доста е со труењето од Вардариште. Чадот и смрдеата ги гуши жителите на Ново Лисиче, Аеродром, Маџари и Автокоманда. Орце Ѓорѓиевски ги потценува овие граѓани со предизборни манипулации“, рече Шукова.
Првата фаза, според неа, предвидува оградување на депонијата, физичка контрола, обезбедување и поставување видео надзор за спречување на палења во рок од 45 дена.
Втората фаза, на среден и долг рок, подразбира изградба на современа претоварна станица, целосна санација на контаминираната локација, воведување систем за управување со отпад со задолжителна селекција, обнова на опремата за собирање отпад и постојан мониторинг според највисоки еколошки стандарди.
„Ова е вистинското решение за Вардариште. Сè друго се бајки и приказни на ВМРО-ДПМНЕ. Скопје нема време за нови лаги“, порача Шукова.