Судење за случајот со родилката од Дебар Јалдз Веапоска/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Одложено судењето за случајот Веапоска, на кое требаше да биде презентиран извештајот од супервештачењето

Поради боледување на адвокатот на еден од обвинетите лекари во случајот со родилката Јилдз Веапоска од Дебар, на која по породување со царски рез во болницата во Струга ѝ биле отстранети матка, јајник и бубрег, денеска во Основниот суд во Струга повторно беше одложено судското рочиште на кое требаше да биде презентиран извештајот од супервештачењето на тројца вештаци.

Вештаците што тврдат дека органите на Јалдз Веапоска се извадени со лекарска грешка – добија кривична пријава

Судскиот процес против тројцата лекари, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, кој трае околу три години, ќе продолжи од септември, а делото застарува на почетокот од идната година. Претходно, судот чекаше 10 месеци за изработка на супервештачење, по што побара презентација на извештајот од страна на вештаците од судско медицинскиот одбор при Медицинскиот факултет од Скопје. Потоа еден од обвинетите го промени бранителот, кој побарал од судот време да го разгледа случајот, за што беше одложено рочиштето. По истекот на седумдневното боледување на бранителот на обвинетиот, кое, како што информира судечкиот судија Јордан Јованов, трае до 15 јули, почнува судската ферија, и рочиштето ќе биде закажано за од септември, по завршување на годишните одмори на судовите.

Веапоска: Четири години сум во судница и првпат чувствувам дека правда ќе има!

Јованов појасни дека по сослушувањето на вештите лица, одбраната треба да се произнесе, по што очекува разрешница на случајот.

Истиот адвокат го застапува и градоначалникот Рамис Мерко, што беше причина за одлагање и на денешната расправа против него за незаконско поставување на Албана Жута за в.д. директор и директор на ОУ „Браќа Миладиновци“ иако не исполнувала услови, односно не била назначена од редот на вработените, немала положен испит за директор и соодветен сертификат за познавање англиски јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот