
Одложено првото судење на истанбулскиот градоначалник Екрем Имамоглу
Судењето на обвинетиот градоначалник на Истанбул Екрем Имамоглу, во врска со изјавите што ги даде против шефот на обвинителството во Истанбул, беше одложено за 16 јуни. Овој случај е отворен пред обвиненијата кое доведоа до негово апсење на 19 март и не е поврзан со нив.
Препорачано
Одбраната на притворениот градоначалник на Истанбул жестоко реагираше на тоа што судењето е префрлено во специјалната просторија на затворот Силиври каде што тој се наоѓа, а не во судската палата во Истанбул и тврдеше дека не се исполнети условите за правично судење.
„Тука сум затоа што трипати победив на изборите во Истанбул. Кој ќе победи во Истанбул, ја добива Турција, затоа јас сум денес затвореник“, изјави Имамоглу.
Пред затворот Силиври се собраа поддржувачи на Имамоглу и членови на главната опозициска Републиканска народна партија, на која и припаѓа, додека во судницата беа присутни адвокати, пратеници и партиски раководители. Силите на жандармеријата презедоа силни безбедносни мерки околу затворот и на патиштата што водат до него.
Истрагата на обвинителството против Екрем Имамоглу во овој конкретен случај беше наредена на 20 јануари поради неговите изјави во интервју за една телевизиска емисија, што се однесуваше на шефот на обвинителството во Истанбул, Акин Ѓурлек и неговото семејство.
43 -годишниот Ѓурлек, првично како судија, а потоа и како обвинител, играше важна улога во големите судски процеси во кои беа гонети опозициски личности, додека во минатото беше заменик министер за правда. Претседателот на Републиканската народна партија (ЦХП), Озгур Озел, го опиша Акин Ѓурлек како „гилотина што оди“.