
Одложено гласањето за извештајот на ЕП за Македонија, на барање на Томас Вајц
На предлог на известувачот за Македонија, Томас Вајц, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска го одложи гласањето за усвојување на Извештајот за земјава за 24 јуни.
Препорачано
Членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на ЕП на денешната седница требаше да гласаат за усвојување на Предлог-извештајот за 2023 и 2024 година за земјава подготвен од австрискиот европратеник Вајц.
ЕПП ја повлече својата поддршка еден ден пред закажаното гласање, откако првично се согласи со неговата содржина, изјавија извори од Парламентот за „Еуроњуз“. Ова го остави извештајот без потребното мнозинство за одобрување и го остави Вајц без друга опција освен да побара одложување.
Промената на мислењето на ЕПП беше поттикната од бугарските европратеници, кои успеаја да ја обединат целата група.
„Во извештајот се споменува „признавањето на македонскиот идентитет и јазик“, што би можело да доведе до недоразбирање и погрешно толкување. Сакаме поголема јасност во оваа точка“, изјави за „Еуроњуз“ европратеникот на ЕПП, Андреј Ковачев.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Вајц во образложението на предлогот нагласи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.
– Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето по овој извештај за 24 јуни, рече Вајц.
Тој нагласи дека целта на ова барање е да им даде можност на неговите колеги европратеници, особено оние од редовите на десничарските пратенички групи Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) и Европа на суверени нации (ЕСН) „да ги ажурираат своите лоби регистри“.
Вајц му се обрати директно на бугарскиот европратеник Ивајло Валчев од партијата Има таков народ (ИТН), која е членка на ЕЦР, посочувајќи дека тој самиот најавил три лоби состаноци.
– Знам дека понекогаш сме малку преоптоварени со работа во нашите канцеларии и сакам да ви дадам можност да ги ажурирате вашата лоби регистри и да се навратиме на ова гласање на 24 јуни, додаде Вајц.
Извештајот и Томас Вајц се најдоа на удар од страна на бугарските европратеници, кои на вчерашната дебата со членовите на Комитетот за надворешни работи на ЕП посветена на проширувањето на ЕУ изнесоа сознанија дека Македонија недозволиво влијаела на содржината на извештајот.
Бугарскиот европратеник Станислав Стојанов од националистичката партија Преродба, изјави дека до европратениците стигнале информации за ненајавени средби на „главниот изготвувач на извештајот“ со македонските власти и за нарушување на правилата за транспарентност на ЕП.
– Се обратив до раководството на Парламентот, со барање да биде запрено усвојувањето на тој документ, да се спроведе истрага и да се утврдат сите факти и состојби, како тоа една земја која е предмет на извештајот има достап до доверливи информации и работи од неговата содржина, со што тој е компромитиран и необјективен – рече Стојанов, додавајќи дека верува оти ЕП ќе реагира на ова и ќе најде излез од ваквата ситуација.
Известувачот на ЕП Томас Вајц е обвинет за координација со Скопјe за да се изготви едностран извештај, за прикривање на критични состаноци, за протекување на доверливи нацрти, за маргинализирање на спротивставените гласови и за неисполнување на својата должност како неутрален известувач.