ОДИХР започнува со набљудување на локалните избори

Во пресрет на локалните избори 2025, денеска официјално започнува набљудувањето од страна на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, откако Државната изборна комисија (ДИК) вчера едногласно ги усвои барањата за акредитација на 14 меѓународни набљудувачи.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на вчерашната седница информираше дека денеска ќе се одржи првата официјална средба со претставниците на Набљудувачката мисија, со што и формално ќе започне нивната работа.

– Од утре официјално ќе имаме средба со претставниците на набљудувачката мисија ОДИХР и од утре почнува нивната работа и официјалното набљудување на изборите. Тие ќе бидат во постојана комуникација со ДИК и ќе присуствуваат на сите наши отворени јавни седници – изјави Кондарко на вчерашната седница.

ДИК вчера ги усвои и првите две барања за акредитација: едното за шест набљудувачи, другото за осум набљудувачи.

Дополнително, членовите на Комисијата ги усвоија измените и дополнувањата на решението за регистарот на радиодифузери, печатени и електронски медиуми, како и интернет портали кои ќе ги покриваат изборите.

На седницата беа разгледани и 34 барања за изземање на претседатели, заменици и членови на Општинските изборни комисии, а на нивно место беа назначени нови лица.

Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на Градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг треба да се одржи на 2 ноември во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот