Фото: Промо

„Одење пеш“ на Тамара Котевска на светски фестивали во Јапонија и Англија

„Одење пеш“ (The Walk) свечено ќе отвора два престижни светски филмски фестивала, фестивалот во Токио, Јапонија, како и Фестивалот на документарен филм во Фолкстон, Англија.

Светската турнеја на најновиот документарен филм на Тамара Котевска: „Одење пеш“ продолжува во пет светски мегалополиси – покрај Токио и Фолкстон, филмот е во официјална селекција во Лос Анџелес, Лондон и Париз. Се најавува домашна и јапонска дистрибуција на филмот.

Отворањето токму на фестивалот во Фолкстон претставува огромна чест за Тамара Котевска и англиските продуценти „Grain Media“, бидејќи патувањето на сириското дете бегалче Амал во Англија почна токму од овој град каде бегалците преминуваат од Франција, преку Ла Манш, во Англија и токму тука се судираат со најжестокиот отпор на англиската полиција. Организаторите на фестивалот изјавуваат дека отварањето на Фестивалот за документарен филм во Фолкстон токму со „Одење пеш“ е покажување пркос на англиските радикалци и обид повторно да се сврти вниманието на жителите на овој приморски град кон еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат во своето секојдневие.

Веднаш по премиерата во Англија, филмот „Одење пеш“ патува на фестивалот Ле Гран Бивуак, кој се одржува во Абервил, Франција. Овој фестивал е со фокус на современите индивидуални и колективни општествени проблеми, а „Одење пеш“ e во официјална селекција и ќе биде прикажан вечерта на 21 октомври, 2024.

Ноемвриската тура на фестивали за „Одење пеш“ ќе биде одбележана со свечено отворање на International Refugee Film Festival Tokyo 2024 на 7 ноември. Режисерката Тамара Котевска изјавува дека да се отвори интернационален фестивал во Токио токму со нејзин документарен филм е еден од најубавите комплименти кои ги добила, токму поради тоа што уникатниот креативен израз и идентитет на филмот одекнува толку далеку и допира една толку различна култура од европската, која очигледно јасно го препознава квалитетот на истиот филм. Оваа свечена премиера ќе го најави и почетокот на јапонската дистрибуција на филмот.

Учеството на толку многу светски фестивали е почесна потврда за квалитетот и релевантноста на филмот, но Котевска е особено задоволна дека се случува токму дистрибуција на филмот во толку далечни култури ширум светот. Тоа е она кое го запечатува успехот на филмот, гарантирајќи му огромна гледаност на широка публика надвор од фестивалските настани.

Веднаш по Токио, „Одење пеш“ ќе биде истовремено прикажан во двата мегалополиси: Лондон и Лос Анџелес. Во Лондон, ќе биде дел од 12. издание на European Psychoanalytic Film Festival, на 16ти ноември 2024. Додека, New Filmmakers Los Angeles Film Festival се случува од 14-17 ноември и во фокус се млади автори кои настапуваат со својот прв или втор филм.

„Одење пеш“ изминатата година ја имаше светската премиера на престижниот интернационален фестивал за документарни филмови во Њујорк, Европската премиера на Меѓународниот филмски фестивал на човекови права во Женева, по што имаше 5 проекции на престижниот фестивал за документарни филмови во Копенхаген, а Котевска во чест на филмот беше повикана да одржи свечен говор на Венецискиот Филмски Фестивал 2023. Филмот имаше преполна македонска премиера на затварањето на домашниот фестивал за документарни филмови Македокс, по што композиторот Дуке Бојаџиев одржа моќен концерт од музиката на „Одење пеш“ која ја компонираше.

Режисерката и сценаристка Тамара Котевска продолжува активно да биде еден од најпрепознатливите амбасадори на македонската култура во светот. Досега како режисер и сценарист таа е една од ретките во нашата земја која непрестано, страсно и активно работи во полето на документаристиката (кој е воедно една од најтешките форми на филмскиот израз). Но Котевска им пркоси на документарните ограничувања, креирајќи моќен, уникатен и длабоко емоционален уметнички израз, бирајќи современи, релевантни социјални теми и предизвикувајќи промена на домашно и светско ниво. „Одење пеш“ e само најава на она што следува од оваа млада, прогресивна авторка и во поглед на документарниот и во поглед на играниот филм.

(Комерцијален текст)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!