
Одбојкарите на УГД Штип останаа во игра за шампионската титула
Одбојкарите на Штип УГД останаа во игра за шампионската титула во Првата машка лига, откако ја запишаа првата победа во финалната серија, вечерва, пред својата публика со 3:0 (25:21, 25:23, 25:15) над бранителот на титулата Струмица 47&72.
Препорачано
Штипскиот состав со овој триумф намали на 1:2 во победи во серијата и јасно е дека новиот шампион ќе се решава најмалку во четири натпревари.
Тимот на Кристијан Ристески како да сфати дека нема веќе шанси за поправен во финалето на плеј-офот и целиот натпревар го одигра на високо ниво и константно ја имаше иницијативата. Струмичани во сите три сета беа во позиција да бркаат резултат, а шампионот беше далеку од изданието кое го имаше на претходните два дуели.
Главното оружје на Штип УГД беше силниот сервис (најдобра потврда за тоа е дека само во третиот сет имаа осум ас-сервиси) кој му создаваше големи проблеми на гостинскиот тим да ја организира играта. Предизвикувачот доминираше и на мрежата предводен од Задмард со 18, Арсов со 12 и Багаев со 10 поени, додека Стојанов покрај одличната организација на играта на својата екипа додаде и седум поени.
Во редовите на Струмица, Владо Милев се бореше да ја одржи екипата во ритам, но не можеше сам и успеја да освои само девет поени, додека Илиев имаше седум.
Четвртиот натпревар од финалната серија ќе се игра в понеделник во Струмица, од 19.00 часот во салата „Парк“.