
Одбојкарите на Струмица 47&72 и Штип УГД во битката за шампионската титула
Денеска од 18.00 часот, во салата „Јордан Мијалков“ во Штип започнува битката за шампионската титула во машка конкуренција, каде Струмица 47&72 тргнува по 12 круна во клупската историја, додека Штип УГД атакува на прв шампионски пехар.
Препорачано
Штипскиот состав втора година во низа е освојувач на куп-трофејот, а во финалната серија влегува како фаворит со желба да ги обедини титулите и да испише клупска историја. Екипата на Кристијан Ристески има три победи во низа во пролетниот дел од сезоната против струмичани, последната во финалето на Купот на ОФМ, на 5 април во Радовиш. Штип УГД е свесен за епитетот фаворит, но добро ги познава и квалитетите на противникот, па со респект влегува во финалната серија.
– Финалната серија ја дочекуваме со три последователни победи против екипата на Струмица. Фаворитската улога можеби е на наша страна, но Струмица е бранител на титулата, долгогодишен првак и противник кој го почитуваме, и сето тоа дава дополнително голема тежина и за двете екипи. Очекувам пред сè една убава одбојкарска претстава со атрактивни поени, неизвесност и борба за секој поен, како што доликува на едно финале. Серијата ја започнуваме пред домашната публика, која верувам ќе ни даде голема поддршка со полна сала и со убава и победничка атмосфера, што ќе ни биде ветер во грб за со победа да стартуваме во првиот натпревар од финалето – рече тренерот на Штип УГД, Кристијан Ристески.
Бранителот на титулата Струмица 47&72 имаше многу тешка сезона, со голем број на пехови со повредени играчи, но успеа тимот да ги мобилизира редовите и да стигне и до финалето во Купот на ОФМ, а сега и во позиција да брка нова шампионска круна. Струмичани имаа 11 шампионски титули во клупските витрини, седум од нив во последните осум години, не сметајќи го ковид-првенството кое не се доигра.
– Со четворица повредени играчи, од кои двајца искусни репрезентативци, тешко се ‘носиме’ сезонава, но нема предавање. Традицијата е на наша страна, секако желбите и амбициите се шампионската титула да остане во наш посед. Факт е дека ќе биде тешко, но одлично се познаваме со Штип УГД и како екипи, но и индивидуалните квалитети на играчите, маните и предностите. Добро ги анализиравме последните меѓусебни дуели, извлековме поука од грешките кои ги имавме во финалето на Купот и подготвени сме. Сега останува она што е тактичка замисла да го пренесеме на теренот. Ќе го дадеме максимумот, ќе се бориме за секоја топка, па ќе видиме и среќата на чија страна ќе биде. Се надевам дека ќе имаме долга финална серија, со убава одбојка, атрактивна и со натпревари за уживање кои ќе бидат добра увертира за настапите на машката репрезентација летово – вели Јован Ристоманов, предводникот на Струмица 47&72.