153 години од раѓањето на Гоце Делчев / Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Одбележани 153 години од раѓањето на Гоце Делчев

Гоце Делчев е дел од македонскиот идентитет и неговото дело не смее да биде заборавено, порача Мицкоски

Во црквата „Свети Спас“ во Скопје денеска се одржа централното чествување по повод 153-годишнината од раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев. Цвеќе положија премиерот Христијан Мицкоски, претставници на Собранието, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, лидерот на опозициската партија СДСМ, Венко Филипче, како и делегации на други институции, партии, граѓански здруженија,…

Мицкоски го честиташе денот од раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев и посочи дека македонската Влада во иднина треба да има традиција во чествувањето на овој ден, бидејќи, како што рече, Гоце Делчев е дел од македонскиот идентитет.

153 години од раѓањето на Гоце Делчев / Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

– Дозволете ми на целата македонска јавност да го честитам родениот ден на македонскиот великан, идеолог и јунак Гоце Делчев. Тоа што го правевме во минатото продолжуваме да го правиме и како Влада. Цениме дека македонската Влада треба да има традиција во иднина да го чествува овој ден, бидејќи ова е наш македонски великан, којшто е дел од македонскиот идентитет

Во чест на раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност Гоце Делчев, повеќе делегации денеска положија цвеќе во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

153 години од раѓањето на Гоце Делчев / Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава. Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат.

153 години од раѓањето на Гоце Делчев / Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.

Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот