Одбележан роденденот на Горан Стефановски кај неговата спомен-клупа во Дебар маало

Во Дебар Маало денеска точно напладне беше одбележан роденденот на Горан Стефановски. Настанот – „Горан е тука“, се одржа кај спомен-клупата посветена на големиот драмски автор, со кој се одбележуваат 73 години од неговото раѓање.

За присутните скопјани, кои беа дојдени во поголем број да му оддадат почит на познатиот македонски драмски писател, беше организирана пригодна програма со настап на вокално-инструменталниот состав – Аудио Скопје, потоа пантомимска точка и улични живи статуи, а беа прочитани и одбрани текстови од и за Горан од актерките Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска Костовска и Трајанка Илиева Вељиќ, како и од членови на семејството Стефановски, негови пријатели, колеги, дебармаалци. Настанот се збогати и со ДЏ сет на Игор Стефановски.

-Тој можеби не е физички тука, но неговите ликови шетаат низ нас, неговите реченици сè уште се слушаат низ театарските сали, и неговиот дух живее — во зборот, во мислата, во сцената што нè згаснува. И токму затоа велиме: Горан е тука, посочија од Општина Центар во чија организација е настанот.

Стефановски е роден на 27 април 1952 година во Битола, во театарско семејство. Детството и младоста ги поминува во театарот, а потоа му го посветува и целиот живот. Со појавата на Горан Стефановски современата македонска драма доживеа голем успех. Негови драми се: „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“… Тој зазема значајно место во современата македонска книжевност и се смета за најистакнат македонски драматург во периодот по Војдан Чернодрински. Неговите драми имаат нешто заедничко: преку трагедијата на едно семејство, Стефановски ни ја предава историјата на македонскиот народ, со сите свои болки и рани, со социјалните неправди, политичките разијдувања, стремежот за подобро утре. Почина на 27 ноември 2018 година во Кантербери, Велика Британија на 66-годишна возраст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот