
Од утре започнува селидбата на тетовската библиотека во училниците на Тетовскиот универзитет
Од утре ќе започне селидбата на Библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово сместена во просториите на Центарот за култура „Ило Антески Смок Тетово“.
Препорачано
Нови локации се училниците на Факултетот за музичка уметност при Тетовскиот универзитет, за кои од раководството на библиотеката имаше негодување и реакции до надлежните дека не ги исполнуваат условите.
Махи Муртезани библиотекар во установата вели дека селидбата ќе биде тешка оти се работи за голем фонд на книги над 83.000, плус архива на новини, со над 5 300 читатели.

„Ќе бидеме задоволни ако преселбата заврши за две недели. Ќе има период кога нема да работиме, но сепак ќе видиме како ќе оди работата на терен. Гледаме дека новите простории се реновирани, задоволни сме од ситуацијата таму, но сепак овие четири училници не се доволни за фондот на книги со кои располагаме. Дел од опремата и мебелот е однесен, од утре ќе започнеме со селидбата на книгите. Треба да се исполнат уште некои услови, односно адаптација на просторот. Но, сепак треба како и што ни ветија да ни се дадат уште две простории каде би можеле да чуваме дел од архивата на книги оти во постоечките училници нема да соберат сите книги, вели Махи Муртезани библиотекар во градската библиотека „Кочо Рацин“ Тетово.
Од библиотеката официјално ги известија своите читатели за преселбата во новите простории.
„Почитувани читатели, ве известуваме дека од 03.11.2023 година (петок) НУ библиотека „Кочо Рацин“ – Тетово ќе започне со преселување во новите простории. Ве замолуваме сите кои имате зајмено библиотечен материјал, а рокот на зајмување ви е во период од 06.11.2023-15.11.2023,книгите да ги вратите во библиотеката или да го продолжите рокот на зајмување. Продолжување на рокот за зајмување можете да го направите преку апликацијата Мојата библиотека /mCOBISS или да се јавите на тел. 044-350-039. Сите дополнителни информации ќе бидат поставени на социјалните мрежи“, соопштија од градската библиотека Кочо Рацин Тетово.
По неколкумесечните препирки помеѓу тетовската библиотека и Министерството за култура околу предлогот за дислокација на оваа установа во неколку училници на Факултетот за музичка уметност при Тетовскиот универзитет, минатиот месец падна договор помеѓу двете институции.
Градската библиотека „Кочо Рацин“ во Тетово која што е сместена во Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ Тетово, уште во јуни годинава доби известување дека треба да се дислоцира од постојните простории во училниците на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот во Тетово.
Од библиотеката тогаш изјавија дека се работи за неколку училници кои не ги исполнуваат условите оти се претесни за да се изложат сите книги со кои располога оваа установа.
Во центарот во Тетово веќе 6 години се гради објект наменет за театарот и градската библиотека. Капиталниот објект требаше да биде целосно изграден лани, но најновите информации на министерството говорат дека објектот ќе биде пуштен во употреба дури во 2027 година.
Од бетер на побетер, тетовската библиотека ќе се сели во училници