Од нула до бесконечност: Изложбата на колективот „Зеро“ предизвика силен интерес во Софија

Траењето на изложбата „Од нула до бесконечност“ на македонскиот Колектив „Зеро“ во „Уан галери“ (One Gallery) во Софија, Бугарија, беше продолжено за речиси еден месец поради интересот на софиската културна јавност.

Групната изложба „Од нула до бесконечност“ на Колектив „Зеро“ во Софија содржи дела од раниот период на групата, индивидуални дела на уметниците, но и заеднички дела – фотографии врз кои се извршени интервенции во сликарска или дигитална форма. Изложбата е уметнички континуум на претходните претставувања на „Зеро“, во кои индивидуалните погледи на уметниците формираат една колективна целина, во која се забележува меѓусебната игра на уметноста, естетиката и политиката.

На изложбата се претставени дела од Александар Станкоски, Перица Георгиев – Пепси, Беди Ибрахим, Миодраг Десовски, Синиша Цветковски, Зоран Јаневски, Стефан Шашков, Горанчо Ѓоргиевски, Сашо Јовчевски, Златко Трајковски – Хинки (1960-2017), Лина Дамјан и Виктор Јаневски. Изложбата е во организација на Центарот за креативни индустрии „Небо“ од с. Суводол, Демир Хисар, и „Уан галери“ од Софија, а поддржана е од Министерството за култура на РСМ.

Преку интертекстуалноста, интермедијалноста, пародијата или субверзијата на историско-идеолошките дискурси со различните стилски пристапи, групата „Зеро“ е препознатлив знак за македонската постмодерна. Белешка за изложбата на Колективот „Зеро“ во Софија напиша реномираниот бугарски теоретичар на уметноста и уметник Свилен Стефанов, кој постоењето на групата „Зеро“ го смета за најсериозниот доказ за појавата на слободата во современата уметност во Македонија.

– Нивниот почеток треба да се бара некаде околу 1985 година. Се разбира, уште во претходната деценија може да се одбележат експерименталните дела од авторите, какви што се Симон Шемов, Никола Фидановски и дуото Милош Коџоман и Драгољуб Бежан. Но, изложбата „Експресија, гест и акција“ од 1985 година на групата „Зеро“ бележи кулминација на еден целосен процес од промени во културата, кои не се однесуваат само до тогашната Република Македонија.

Графички приказ на членовите на Колектив „Зеро“

Така работата на групата се поврзува со уметниците Беди Ибрахим, Миодраг Десовски, Перица Георгиев – Пепси, Татјана Миљовска, Ацо Станкоски, Игор Тошевски и Златко Трајковски. Нивното зборно место е „Галерија 7“, која се наоѓа во Старата скопска чаршија. Тоа се имињата и од каталогот на изложбата на групата во Келн, во 1990 година, која претставува прво презентирање на алтернативната македонска уметност надвор од државата. „Зеро“ е едно ново поколение, кое намерно не поставува граници во однос на користењето изразни средства. Тоа не е случајно, доколку токму во 80-тите години можеме да говориме за истовременото случување на сликарските неоекспресионистички практики и концептуални стратегии, поврзани со инсталацијата, фотографијата и хепенингот.

Можеби најкарактеристичната црта на „Зеро“ се состои во отсуството на „стил“, целосно во духот на едно постмодерно еклектичко разбирање на уметноста како начин на слободно изразување на човековата личност. Затоа делувањата на групата може да бидат, како колективни, така и индивидуални – од мурали до перформанси. Не е случајно и нивното појавување на Венецијанското биенале во 2011 година, што говори дека „Зеро“ (и на локален и на меѓународен план) веќе треба да се разгледува како класика. Кога во 2019 год. зедов учество во изложбата со бугарски и македонски уметници во Скопје (во „Мала Станица“ – Национална галерија на Македонија), за мене беше многу интересно да откријам дека групата „Зеро“ работи и со автори од различни генерации. Тоа говори за изминат пат во историјата на уметноста, но и за односот кон континуитетот во современата уметност – истакнува Свилен Стефанов.

Поставката на изложбата „Од нула до бесконечност“ во софиската „Уан галери“

На крајот од својот текст Стефанов забележува дека развојот на алтернативните сцени во Македонија и Бугарија содржат многу општи црти, кои до овој момент не биле објект на научно проучување. Во таа смисла оваа изложба на Колектив „Зеро“ во софиската галерија е веројатниот чекор во насока кон заемно распознавање на сличните иновативни процеси.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 66, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 30-31 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот