
Од новиот претседател на Антикорупциска се очекува да не потпаѓа под влијанија
Новиот претседател на Државната комисија за спречување корупција треба да биде пример за останатите и со својот личен интегритет да придонесе за зајакнување на институционалниот интегритет, вели за „Слободен печат“ екс-претседателката на комисијата Билјана Ивановска.
Препорачано
-Да работи совесно, стручно, непристрасно и професионално. Да не потпаѓа под никакви влијанија, ниту партиски, ниту непартиски, пријателски, роднински. И нашиот состав на Комисијата се формираше после период на повеќемесечно нефункционирање на ДКСК, па покажавме дека со многу работа и труд ништо не е невозможно. Исто така, многу е важно новиот претседател кој ќе раководи со институцијата да биде подготвен за соработка со стручната служба и со експерти од секоја област, додава Ивановска.
Собранието денеска го објави јавниот оглас за избор на нов претседател на Државната комисија за спречување корупција, откако Татјана Димитровска си поднесе оставка бидејќи е обвинета за оддавање службена тајна и за компјутерски фалсификат. Рокот за кандидатите да се пријават за оваа функција е 10 дена. Упатени правници кои работат во Собранието и во платформи за борба против корупцијата велат дека постапката ќе се одвива на следниот начин – во периодот од 10 дена во кој се пријавуваат апликантите, Собранието формира селекциона комисија што по завршувањето на огласот ќе им ги провери документите.

Комисијата за селекција се состои од 7 членови, еден номиниран од народниот правобранител, претставник од граѓанскиот сектор за демократија и владеење на правото, претставник од медиумите, двајца пратеници од власта и двајца пратенци од опозицијата. Потоа селекционата комисија на седница на Комисијата за избори и именување ќе спроведе интервјуа и бодување на кандидатите, по што изборот ќе се пресели на пленарна седница.
Но, она што е под знак прашалник е кога ќе може да се спроведе овој процес, односно дали распишувањето на локалните избори ќе претставува пречка Антикорупциска да добие нов претседател.
Според огласот, за претседател на Државната комисија за спречување корупција може да биде именувано лице кое е државјанин на Македонија, кое има деловна способност, има високо образование со 300 кредити од областа на правните науки или 240 кредити од областа на политичките, комуниколошките или економските науки.
Меѓу критериумите за именување се и најмалку 10 години работно искуство од кои најмалку 8 години работно искуство во областите на откривањето или спречувањето на корупцијата, владеењето на правото или добро управување, да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност и во последните 10 години да не било пратеник во Собранието, член на Владата, донатор на политичка партија и да не вршело функција во органите на политичка партија. Право да се пријават на конкурсот според критериумите немаат лица кои во минатото биле претседатели или членови на Антикорупциска.
-Собранието е во недоумица како да постапи во случајот со изборот на претседател на ДКСК и кои активности може да ги спроведе во време на распишани избори. Токму од тие причини, побараното мислење на Собранието од ДКСК и другите чинители за тоа кои процеси може да ги спроведе за време на распишаните избори ќе биде суштинско за процесот. Дали ќе може да се избере и именува претседател, дали можеби ќе може да се спроведе процесот на избор, но нема да се именува или пак процесот ќе треба да биде во мирување и да продолжи по целосно завршување на локалните избори. Во минатото имаше случај, кога за избор и именување на судии и јавни обвинители, Антикорупциска издаде мислење дека процесот на вработување и склучување на договори за вработување на кандидатите кои селекциониот процес го поминале пред распишувањето на изборите треба да се стави во мирување за време на избори, така што останува да видиме каков ќе биде ставот сега за ова прашање, изјави за „Слободен печат“ Снежана Камиловска Трповска од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Антикорупциската комисија моментално функционира со 6 наместо со 7 членови, откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, поднесе обвинение против претседателката Татјана Димитровска за две кривични дела – за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што според обвинението ревизор од Државниот завод за ревизија, во нејзино име го положил тестот после кој таа добила сеертификат со највисок степен на доверливост „државна тајна“. Димитровска овој сертификат го достави во Антикорупциска и се врати на работното место во ДЗР.
Од дирекцијата за безбедност на класифицирани информации за „Слободен печат“ изјавија дека за Димитровска и за ревизорот обвинет дека полагал во нејзино име, се вршат дополнителни безбедносни проверки за утврдување на безбедносен ризик, после што Дирекцијата ќе донесе одлука за евентуално одземање на безбедносните сертификати и пред истекот на важењето.