
Од настинка до воспаление на белите дробови: Зошто грипот никогаш не треба да се потценува – ниту кај младите, ниту кај постарите лица
Вирусот на грип предизвикува непријатни симптоми од кои релативно здравите лица обично се опоравуваат брзо. Лекарите потврдуваат дека повеќето пациенти лесно го надминуваат вирусот, но предупредуваат дека оваа инфекција понекогаш може да биде смртоносна, особено за чувствителни и хронично болни лица. Дури и младите и здравите, кои мислат дека станува збор само за обична настинка, можат да развијат сериозни компликации, како воспаление на белите дробови, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Д-р Ендрју Флеминг, раководител на Одделот за инфективни болести и имунологија на Универзитетот во Њујорк, вели дека е речиси неизбежно во сезоната на настинки и грип да дојдеме во контакт со некој од честите респираторни вируси. Силен имунолошки систем кај здравите лица успешно се справува со болеста, но важно е во вакви ситуации да ги преземеме сите мерки на заштита.
„Иако повеќето лица го прележуваат грипот или настинката без потешки последици, овие вируси можат да бидат опасни за одредени луѓе. Дури и младите и инаку здравите можат да развијат сериозни компликации, како воспаление на белите дробови“, вели д-р Кери Хорн од Националниот центар за здравје во САД.
Лекарите нагласуваат дека одговорното однесување не е само грижа за сопственото здравје, туку и за здравјето на луѓето околу нас – прашање на култура и воспитување.
„Овие правила не се само здравствена препорака, туку и израз на основно почитување кон другите. Никогаш не знаеме колку сериозно некој вирус може да влијае на блиска личност или колега на работа. Некој ќе се опорави брзо, а некој може да заврши на болничко лекување“, објаснува Џеки Вернон-Томпсон, основачка на училиштето за бонтон „Фром д инсајд аут“.
За да ги заштитиме другите, но и побрзо да оздравиме, важно е додека сме болни да се придржуваме кон неколку едноставни правила.
Одмор
„Голема грешка е кога се обидуваме да го ‘истуркаме работниот ден’, иако имаме први симптоми како висока температура, болки во мускулите и зглобовите, сув кашел, замор, болка во грлото, затнат нос или главоболка“, објаснува д-р Нора Тосунијан. Имунитетот има потреба од енергија за да се избори со инфекцијата; кога не се одмараме или не спиеме доволно, организмот е послаб и поподложен на болести.
Д-р Флеминг додава дека е научно докажано дека недостигот на сон значително го ослабува имунолошкиот систем. Луѓето кои спијат помалку од 7 часа имаат трипати поголем ризик од настинка.
Излегување од дома
„Една од најлошите работи што може да ја направите е да одите на работа, во продавница или на собири додека имате температура, болки во телото, кашел или затнат нос. Важно е да останете дома“, вели д-р Мајкл Ричардсон.
Посебно е важно децата да не се испраќаат на училиште кога се болни.
„Тешко е да се спречи ширење на вируси меѓу децата. Ако детето има температура, нека остане дома и нека се врати во училиште само кога ќе поминат најмалку 24 часа без покачена температура“, додава д-р Ричардсон.
Миење раце
„Бактериите и вирусите лесно се пренесуваат од површини на рацете, а потоа на лицето. Затоа редовното и темелно миење раце е еден од најефикасните начини на превенција“, потсетува д-р Неха Патак.
Рацете треба да се мијат:
- пред јадење,
- по престој на отворено,
- по кивање или кашлање,
- по користење јавен превоз или тоалет.
Лоша исхрана и дехидрација
„Неправилната исхрана и недостигот на вода дополнително го ослабуваат организмот. Исхраната треба да биде разновидна и богата со витамини, особено Ц и Д. Избегнувајте преработени и слатки производи, како и алкохол, бидејќи тие го ослабуваат имунитетот“, објаснува д-р Тосунијан.
Често допирање на лицето
„Вирусите навлегуваат во организмот преку очите, носот и устата, а рацете се главен преносител. Трудете се да го сведете допирањето на лицето на минимум и секогаш измијте ги рацете пред да ги допрете очите или носот“, предупредува д-р Тосунијан.
Бонтон при кашлање и кивање
„Покријте ги устата и носот кога кашлате или кивате, најдобро со свиткан лакт“, советува д-р Сара Дипонт и додава дека употребените марамчиња веднаш треба да се фрлат, а потоа да се измијат рацете.
Дома редовно дезинфицирајте ги површините – рачките на вратите, далечинските управувачи, телефоните и слично.
Вакцинација
„Вакцината против грип го намалува ризикот од зараза, а дури и ако се разболиме, ги ублажува симптомите“, нагласува д-р Дипонт.
Маски
Ако мора да излезете од дома додека сте болни, носете заштитна маска. Бидете свесни дека постари лица, хронично болни и бремени жени можат да имаат сериозни последици доколку се заразат. Избегнувајте гушкање, бакнување и блиски контакти.
Кога треба да се јавиме на лекар?
Доколку температурата трае повеќе од три дена, ако имаме потешкотии со дишењето или хронични заболувања, неопходно е да се консултираме со лекар. Постојат лекови кои можат да помогнат, а закрепнувањето ќе биде побрзо доколку терапијата започне навреме.
Дури и малите промени во однесувањето во сезоната на грип и настинки можат значително да влијаат на нашето здравје, како и на здравјето на луѓето околу нас. Бидете внимателни и одговорни – тоа не е само прашање на здравје, туку и знак на добро воспитување.