
ОД ДЕНЕСКА ПОНИСКИ ЦЕНИ: Еве колку ќе ве чини приклучок на струја
Од денеска се намалуваат тарифите што корисниците ги плаќаат за стандарден и повторен приклучок на струја, како и одвојување на броилата, рече на денешната прес-конференција, првиот човек на РКЕ, Марко Бислимовски.
Препорачано
Досега, каде што општините имаат донесено детален урбанистички план, стандардниот приклучок чинеше 500 евра, но од денеска ќе чини 370 евра или 26 % пониска цена. Бислимовски потенцираше дека истата цена ќе важи и за оние кои спаѓаа во групата со нестандарден приклучок за струја. Овој нестандарден приклучок се наплаќаше по повеќе од 2.000 евра, а причина за тоа беше дека општините немаа усвоено ДУП.
Како што спомена Бислимовски, тие сметаат дека граѓаните не се виновни затоа што општините не донеле ДУП и затоа се укинува нестандардниот приклучок, односно сите ќе плаќаат по 370 евра без разлика на која локација се наоѓаат.
Регулаторната комисија за енергетика за 75 проценти ја намали и цената што корисниците ќе ја плаќаат за повторен приклучок доколку биле исклучени поради неплатени сметки. Сега оваа услуга ќе чини 440 денари, а повторниот приклучок ќе се врши во најбрз можен рок. Претходно се плаќаше околу 1.700 денари за повторно приклучување да се изврши наредниот работен ден, а доколку сакаме тоа да се случи истиот работен ден, услугата надминуваше 2.000 денари.
Новина е и цената за одвојување на броилата. Па така наместо досегашните 500 евра, оваа услуга сега ќе чини 200 евра или намалување од околу 60 проценти.
Промена има и во промена во цената за префрлување од монофазна на трофазна струја, па така граѓаните наместо досегашните 500 евра ќе плаќаат 200 евра или намалување од 60 проценти.
Бислимовски потенцираше дека новите цени почнуваат да важат веднаш и очекува дека граѓаните ќе ги искористат овие услуги.