
Од денеска нови правила при увозот на возила, без непотребните дозволи кои се ваделе
Грубата пресметка, која ја презентираше Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини вели дека 1,3 милиони евра годишно досега оделе за TÜV потврди кои не требало да се бараат
Од денеска ќе се применуваат европски стандарди при узвоз на возила. Грубата пресметка, која ја презентираше Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини вели дека 1,3 милиони евра годишно досега оделе за TÜV потврди кои не требало да се бараат и тоа најголемиот дел од средствата оделе кај странски компании на кои им се плаќало. Процесот сега ќе се регулира преку овластените застапници, домашни македонски компании.
Препорачано
Промените се резултат на детални анализи и обезбедуваат поедноставен, транспарентен и ефикасен систем, кој гарантира доверба меѓу институциите, увозниците и граѓаните, информираа од Министерството по одржаната средба со над 40 овластени застапници и увозници на возила во Македонија.
– Го зајакнуваме системот на доверба меѓу институциите и увозниците, со јасни правила и навремена услуга за граѓаните. Ова е значаен чекор за приближување кон европските стандарди и подобрување на квалитетот на услугата која ја добиваат нашите граѓани – изјави министерката за енергетика Сања Божиновска.
Клучни промени во постапките за одобрување на возила се: Одобрување на тип на возило за сите негови варијанти и изведби според WVTA документот, освен ако импортерот не побара поинаку; Единечно одобрување ќе се врши исклучиво за возила за кои не е одобрен типот во РСМ и немаат одобрение за тип во ЕУ преку Биро за метрологија; Возила со претходно одобрен тип во ЕУ или во Македонија немаат потреба од посебна постапка за единечно одобрување и директно одат во постапка за идентификација и оцена на техничката состојба.
Увозниците имаат обврска да издаваат потврди за исполнетост на техничките барања за сите возила за кои постои европско одобрение на тип (WVTA) или национално одобрување на тип. За останатите возила за кои не постои одобрение на тип во Македонија, или не постои одобрение на тип во ЕУ, увозниците немаат обврска да ги издаваат потврдите, за ваквите возила ќе се безбедуваат потврди од независни институции прифатени од Бирото за метрологија.
Роковите за одобрување на тип во Бирото за метрологија ќе бидат скратени двојно, за побрза и поефикасна постапка. Цените на услугите од Биро за метрологија ќе се регулираат со нов правилник. Потврдите за исполнетост на техничките карактеристики кај застапниците ќе чинат 40-50 евра.