
Од 139 ветени, реализирани само 18 мерки, најголем напредок во образованието- Фајненс Тинк ги анализираше владините ветувања за периодот 2024 – 2028 година
Реализираните ветувања во социо-економските политики се однесуваат на непроменети даночните стапки на личен доход и добивка, реинвестирана добивка без оданочување и зголемување на пензиите за 5.000 денари. Поголема причина за загриженост се ветувањата чија реализација се движи во спротивна насока од првичните цели, како на пример ветувањата поврзани со намалување на буџетскиот дефицит под 3 отсто од БДП и намалување на сивата економија
Од вкупните владини ветувања за периодот 2024-2028 година, досега се целосно реализирани 18 мерки (13 отсто), додека 51 мерка (37 отсто) е во фаза на реализација. Најголем напредок е постигнат во областа на образованието, каде 24 отсто од мерките се исполнети, а 70 отсто се во тек. Зад него следат социо-економските политики и политиките за млади, со по 9 отсто реализирани мерки. Реализацијата во здравство има поумерена динамика, три мерки се реализирани и 5 во насока на исполнување.
Препорачано
Најмал прогрес е забележан во областа на родовата еднаквост, каде што нема ниту една активна или реализирана мерка. Ова е сумираната анализа на Фајненс Тинк, во партнерство во Македонскиот центар за граѓанско образование, Македонското лекарско друштво и Младинскиот образовен форум, преку надградената мониторинг рамка КОМПАС за системско следење на реализацијата на владините ветувања за периодот 2024–2028, која опфаќа 139 ветувања распоредени во пет приоритетни области: социо-економија, образование, здравство, млади и родова еднаквост.
Во сегментот на социо-економските политики има делумен напредок, но со потенцијални ризици.
-Од 43 мапирани ветувања, 4 се исполнети, а 12 се во фаза на реализација. Реализираните вклучуваат: непроменети даночните стапки на личен доход и добивка, реинвестирана добивка без оданочување и зголемување на пензиите за 5000 денари. Во насока на реализација, најголем дел се од областа стабилни финансии кои придонесуваат кон макроекономска стаблност како раст на БДП, контрола на инфлацијата, намалување на јавниот долг и невработеноста, зголемени инвестиции и креирање на нови работни места. Од аспект на исполнетост, иако бројот на целосно исполнети ветувања е релативно мал, мерките кои се во фаза на исполнување се задоволителни. Поголема причина за загриженост се ветувањата чија реализација се движи во спротивна насока од првичните цели, особено затоа што тие претставуваат клучни структурни реформи. Станува збор за ветувањата поврзани со намалување на буџетскиот дефицит под 3 отсто од БДП, намалување на сивата економија, зголемување на продуктивноста, поддршка на извозот и умерен пораст на платите во јавниот сектор – покажа анализата.
Дополнителен предизвик претставува усогласеноста на владините приоритети со реалните потреби и очекувања на граѓаните.
-Највисока поддршка добиваат ветувањата за отворање нови работни места, капитални инвестиции и проширување на капацитетите за детска грижа. Од друга страна, поддршката за зголемување на платите во јавната администрација е ниска, дури и со голем процент на негативен став по однос на зголемувањето на платите, а зголемувањето од 16,8 отсто во 2024 е дури и над даденото ветување за пораст согласно растот на економијата. Во наредниот период, неопходно е да се задржи фокусот врз мерките кои се веќе започнати, со цел тие да се довршат во разумен рок. Особено внимание треба да се посвети на мерките чие реализирање започна позитивно до крајот на 2024 година, но покажуваат ризици од отстапување во првиот квартал на 2025 – како што се стапката на инфлација и поголема наплата на средства во државниот буџет. Како и подобро усогласување на владините приоритети со очекувањата и реалните потреби на граѓаните.
Анализата покажа дека ветувањата во сегментот на образованието имаат највисок степен на реализација.
-Од 37 мапирани мерки, реализирани се 9, а 26 се во тек, што укажува на силна динамика на активности. Ветувањата кои се реализирани или се во процес на исполнување вклучуваат зголемување на буџетот за образование (на 3,79 отсто од БДП), ревизија на Концепцијата за основно образование, поддршка за успешни училишта, како и проширување на мерките за образовна инклузија итн. – покажа Анализата. Во однос на здравството се покажа дека ограничен напредок со важни почетоци.
-Од 31 ветување, реализирани се 3, а 5 се во тек. Вклучуваат: зголемување на капитацискиот бод за лекарите од примарната здравствена заштита, укинување на позициите економски директори, како и воведување на девет нови генерички лекови на позитивната листа по подолг временски период. Започнат е процесот на вработување на околу 1.018 здравствени работници кои досега беа ангажирани по договор на дело во јавните здравствени установи (ЈЗУ). Иако процесот е во тек, истиот се соочува со одредени административни предизвици кои го забавуваат. Исто така, започнати се и постапките за вработување на приватните специјализанти во јавното здравство. Паралелно се спроведуваат проекти за реновирање на неколку здравствени установи и набавка на нова медицинска опрема за дијагностика и третман во повеќе здравствени центри – покажа Анализата на Фајненс Тинк.
Што се однесува до ветувањата за младите, има институционален напредок, но недоволно спроведување на конкретни мерки. Следени се 15 мерки, од кои 2 се реализирани, 8 се во тек, а 5 не се реализирани.
-Од друга страна, започнати се иницијативи за реновирање на студентски домови и зголемена финансиска поддршка за млади земјоделци. Ваквите резултати упатуваат на потребата од јасни рокови, зајакнати институционални капацитети. Исто така, приоритизирањето на мерките треба да се совпаѓа со реалните потребите на граѓаните и младите, како што е поддршката од подобрување на условите за домување, за мерката „Купи куќа за млади“ и за финансиска поддршка на млади претприемачи, меѓу останатите – стои во Анализата.