
Од 13 до 17 октомври ќе има прекин во испораката на природен гас кон потрошувачите, велат од Регулаторна комисија
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ја информира јавноста дека согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, грејната сезона започнува на 15 октомври 2025 и завршува на 15 април 2026 година.
Препорачано
Но, доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 ºС, тогаш грејната сезона може најрано да започне од 1 октомври и да заврши најдоцна до 30 април.
Оттаму ја известуваат јавноста дека систем операторот за пренос на гас НОМАГАС најави дека оваа година поради ремонтни активности на регионалните транспортни системи за пренос на природен гас и гасоводот Турски тек се очекува од 13 до 17 октомври да има прекин во испораката на природен гас кон потрошувачите во земјава.
РКЕ потсетува дека сигурноста во снабдувањето е примарен интерес и дека законската регулатива овозможува во услови на прекин на испорака, операторот со природен гас НОМАГАС да може да изврши навремено полнење на цевката и количината да ја распредели соодветно во критичните денови за корисниците кои се греат на топлинска енергија.
Согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, снабдувачот е должен во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот да обезбеди температура на греење од 20+1 º C.
РКЕ апелира до станарите, односно заедниците на станари да ги проверат внатрешните инсталации и инсталациите во објектите, и да ги подмират сметките за електрична енергија за топлинските потстаници со цел грејната сезона да започне без проблеми.