
Од 12 октомври нови правила – отпечаток од прст и фотографија е првиот чекор „за влез во ЕУ“
Граѓаните од трети земји што имаат безвизен режим со ЕУ, вклучително и од Македонија, биометриските податоци ќе ги оставаат само при првиот влез во Шенген-зоната, а при секој нареден влез само ќе им се потврдуваат податоците
Оставање биометриски податоци, односно отпечаток од прст и фотографија, е првиот чекор од новиот систем за влегување во земјите од Шенген зоната за граѓаните од трети земји што имаат безвизен режим со ЕУ, вклучително и од Македонија. По неколкукратните најави, оваа новина конечно треба да профункционира од 12 октомври годинава.
Препорачано
Според овој систем, биометриски податоци ќе се оставаат само при првиот влез во „Шенген земја“, додека при секој нареден влез службениците од пасошките контроли само ќе ги потврдуваат податоците.
Новите правила постепено ќе се воведуваат од 12 октомври во наредните шест месеци кога треба да профункционираат на сите влезни точки на Шенген зоната, изјави амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас. Според него, целта е да се зајакне безбедноста на сите гранични премини.
Нема одлагање за Македонија
Претставници на Делегацијата на ЕУ во Скопје, на брифинг со новинарите, објаснувајќи како ќе функционира системот, ги исклучија коментарите дека тој е дискриминаторски за Македонија, бидејќи опфаќа и земји, како САД, Јапонија, Обединетото Кралство, односно многу земји што имаат или немаат визен режим со ЕУ. Притоа беше нагласено дека сите земји ќе мора да го применуваат и дека нема да има одлагање за Македонија, како што кажа неодамна министерот за транспорт Александар Николоски.
– Се регистрира секој влез, излез и евентуално недозволување влез. Двете главни цели се јакнење на безбедноста на границата – сакаме да знаеме кој влегува и кој е во Шенген зоната, како и да се идентификуваат луѓето што влегуваат за да се намалат измамите со идентитет, но и да се намалат злоупотребите со пречекорување на 90-дневната дозвола за престој. Втората цел е ефикасност и брзина. Откако системот целосно ќе се имплементира, се очекува да биде побрзо и полесно влегувањето во ЕУ – велат од Делегацијата на ЕУ.
Мерката за оставање биометриски податоци нема да важи за деца до 12 години.
Според најавите од ЕУ, новиот систем сепак ќе се применува постепено, во четири фази, а секоја од земјите од Шенген зоната ќе има своја динамика на имплементација.
Во првата фаза, односно 30 дена од почетокот на примената, е предвидено да бидат опфатени 10 проценти од сите патници што влегуваат во Шенген, во втората фаза што трае до 90 дена од примената треба да бидат опфатени 35 проценти од патниците, третата фаза е до 150 дена и треба да опфати половина од сите патници што влегуваат во Шенген зоната, а сите патници се предвидува да бидат опфатени во четвртата фаза, која завршува 170 дена од почетокот на примената на системот.
Во Делегацијата на ЕУ се свесни дека проблем ќе бидат копнените граници на Македонија со Грција и Бугарија, кои се и најфреквентни, но потсетуваат дека на почеток нема да се регистрираат сите патници за да не се прави метеж при преминување на границата. Секако, патниците ќе мора да излегуваат од автомобилите за регистрација, додека за автобусите, на пример, се размислува граничен службеник да влегува со мобилен апарат, кој сепак може да послужи за земање отпечаток, но не и за фотографирање.
Во случајот со Бугарија, пак, предвидено е мерката да почне да се применува на крајот на октомври, и тоа само на преминот Деве Баир – Ѓуешево, а на останатите два премини, кај Делчево и Ново село, од крајот на годинава или на почетокот на наредната.
Системот ЕТИАС ќе профункционира во последниот квартал на 2026
Комплементарен на ЕЕС е системот ЕТИАС, кој ќе функционира паралелно, а според најавите, треба да почне во последниот квартал на 2026 година.
Амбасадорот Рокас во изјава за медиумите нагласи дека тој не е ист со ЕЕС и апелираше да не се создава конфузија кај граѓаните. Според ЕТИАС-системот, граѓаните на земји што се надвор од ЕУ, а кои се ослободени од виза, пред патувањето мора да се регистрираат онлајн и да аплицираат за овластување за самото патување во Европа. Со ЕТИАС не се собираат биометриски податоци, како отпечатоци од прсти или фотографирање. При аплицирањето се добива т.н. сертификат за три години и тоа значи нотификација дека апликантот може да патува во ЕУ. Од Унијата инсистираат дека не станува збор за виза.
Цената на ваквата „дозвола“ за влез во ЕУ, според сегашните информации, ќе чини 20 евра, но од Делегацијата на ЕУ велат дека цената не е дефинитивно одредена. Бесплатно ќе ја добиваат лицата до 18 години и над 70 години, како и членовите на семејствата на ЕУ граѓани. Но, проблем е што сѐ уште не се знае како ќе се докажува дека некој е член на семејство на ЕУ-граѓанин.
Новиот систем ЕТИАС ќе важи и за носителите на дипломатски пасоши, освен за оние лица што се акредитирани во членка на ЕУ, односно работат во дипломатска мисија или амбасада.
Категорија што ќе има проблем со новите правила е бизнисот, особено транспортерите што се во неповолна положба во споредба со оние од ЕУ, бидејќи шенгенските правила го ограничуваат периодот на професионалниот возач кој може да извршува билатерални транспортни услуги (ограничување од 90 дена во текот на кои било 180 дена). Од Делегацијата на ЕУ кажаа дека очекуваат да се појават некои прашања од камионџиите и дека на таа тема сѐ уште се разговара во Брисел.
Системот за влез/излез (ЕЕС) постепено во период од шест месеци ќе го имплементираат 29 европски земји (25-те членки на ЕУ што се дел од Шенген зоната, плус Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија). Целосната имплементација се очекува до 10 април 2026 година, откога електронски ќе се пресметуваат деновите на престој.
За вториот систем ЕТИАС, пак, ЕУ неколку месеци пред неговото лансирање, ќе информира дополнително за конкретниот датум за почеток.