
ОЦЦРП: Зад затворени врати, директорите на „Телеком“ и „Јунајтед Груп“ договарале слабеење на „Н1“ и други медиуми во групацијата
Новиот извршен директор на „Јунајтед груп“, Стен Милер, преговарал со директорот на државната компанија „Телеком“, Владимир Лучиќ, за отстранување на Александра Суботиќ, долгогодишната директорка на „Јунајтед медиа“, открива новинарската мрежа ОЦЦРП.
Препорачано
Суботиќ ја води компанијата под чие покровителство работи и „Н1“, еден од ретките српски телевизиски канали што критички известува за активностите на тамошната влада.
Според новинарите на ОЦЦРП, Лучиќ му објаснил на Милер дека српскиот претседател Александар Вучиќ лично побарал отстранување на Суботиќ. Новинарската мрежа дојде до извори и документи што зборуваат за настаните зад сцената за време на големите промени во „Јунајтед груп“.
Според откритието на новинарската мрежа, две моќни лица – извршниот директор на „Јунајтед груп“, Стен Милер, и извршниот директор на „Телеком“, Владимир Лучиќ – разговарале за иднината на оваа медиумска групација кон средината на овој месец, која ги поседува медиумите „Н1“, „Нова“, „Радар“, „Данас“ и „Форбс“ во Србија.
За време на овој разговор, Лучиќ, според извор на ОЦЦРП, инсистирал Милер да ја отстрани Александра Суботиќ, најблиската соработничка на малцинскиот сопственик на „Јунајтед груп“, Драган Шолак, и извршен директор на „Јунајтед медиа“. Лучиќ објаснил дека ова е барање од српскиот претседател Александар Вучиќ.
Извор запознаен со содржината на разговорот им рекол на новинарите на ОЦЦРП дека Милер му рекол на Луциќ дека е свесен оти српскиот претседател е незадоволен што Суботиќ сè уште не е отстранет и дека му треба повеќе време за да го стори тоа. Истиот извор навел дека Милер го објаснил својот план за ослабување на медиумскиот бизнис на „Јунајтед медиа“ во Србија – да ја подели компанијата.
Советничката за медиуми на српскиот претседател, Сузана Васиљевиќ, во краток одговор на прашањата на ОЦЦРП, изјавила дека Вучиќ „не се мешал во уредувачката политика на медиумите, ниту пак бил заинтересиран за тоа“. Сепак, изјавите на Вучиќ дадени претходно оваа година во интервју за ТВ Пинк сугерираат дека знаел дека во „Јунајтед груп“ доаѓа потрес: тој рекол дека некои од новинарите на групата ќе бидат „отпуштени“ во ноември.
Во писмен одговор до ОЦЦРП, Лучиќ негираше дека разговарал за отпуштањето на Суботиќ со Милер.
„Ние не се мешаме во кадровските одлуки на други компании“, рече тој, додавајќи дека неговите разговори со директорот на „Јунтајтед гроуп“ биле за „технички и координативни прашања поврзани со средствата што ги презедовме“.
Тој исто така рече дека не е вистина дека Вучиќ го замолил да го повика новиот извршен директор на „Јунајтед Гроуп“ да го отпушти Суботиќ:
„Тоа тврдење е неточно и неосновано. Не сме добиле такво барање, ниту би било соодветно“, рече тој.
Милер не одговори на прашањата на ОЦЦРП. Портпаролот на „Јунајтед гроуп“, сепак, рече дека „Јунајтед Гроуп“ негира дека работи со која било страна на кампања за осакатување или влијание врз уредничката независност на радиодифузерот зад телевизијата Н1“.
Суботиќ, која е на чело на „Јунајтед Медиа“ речиси 15 години, за ОЦЦРП изјави дека е „неприфатливо менаџер назначен од инвестицискиот фонд „БЦ Партнерс“ (мнозинскиот сопственик на „Јунајтед Груп“) да разговара за нејзиното отпуштање со извршниот директор на конкурентска компанија, особено на „Телеком Србија“.
Таа го гледа ова како јасна намера на властите да ги ослабнат медиумските слободи во Србија. Таа нагласи дека нема да дозволи политичките или економските притисоци да влијаат врз уредувачката политика на медиумите што ги води.
„Ќе ве запалиме, само чекаме дозвола“: Редакцијата на Н1 во Србија мета на секојдневни закани
ОЦЦРП, исто така, доби е-пошта што покажува што се случило во претходните денови кога новоназначениот директор на српската филијала на „Јунајтед гроуп“ се обиде, со помош на полицијата, да влезе во зградата на компанијата.
Преземање на српската филијала на „Јунајтед гроуп“
Порано оваа година, холандската матична компанија „Јунајтед гроуп“ продаде поголем дел од своите средства на Балканот: кабелскиот оператор и интернет провајдер СББ беше продаден на „e&ППФ Телеком Гроуп“ (сопственици на „Јетел“ во Србија) за 825 милиони евра, додека платформата за дијаспора НетТВ Плус, Тотал ТВ и регионалните спортски права беа продадени на Телеком Србија за повеќе од 650 милиони евра.
„Јунајтед гроуп“, сепак, го задржа сопствеништвото на медиумите на Балканот – како што се Н1, Нова С, ТВ Вијести.
Продажбите, сепак, беа придружени со промени во врвното раководство на „Јунајтед гроуп“.
Управниот одбор го отстрани основачот Драган Шолак од позицијата претседател на „Јунајтед груп“ и поранешна извршна директорка Викторија Боклаг во јуни оваа година. На нејзино место дојде Стен Милер, 67-годишен бизнисмен кој со децении управува со големи телекомуникациски компании во Африка и Европа.
Тензиите по промената на сопственоста и управувањето минатата недела кулминираа во српската филијала на „Јунајтед Груп“. Оваа компанија не е вклучена или нема никакво влијание врз медиумите во Србија, но нејзината улога е да помага во работењето на другите компании во групацијата во области како што се финансии, ИТ и маркетинг. Директорката на оваа филијала, Бојана Мијаиловиќ, беше ненадејно заменета, а на нејзино место беше назначен Владица Тинтор – поранешен директор на Регулаторната агенција за електронски комуникации и поштенски услуги (РАТЕЛ).
Тинтор пристигна во седиштето на „Јунајтед Груп“ во Белград минатата среда попладне, во придружба на адвокати од канцеларијата на Гециќ – фирма ангажирана од Телеком Србија за да ја преземе. Примопредавањето беше толку ненадејно што Тинтор ја повика полицијата откако обезбедувањето на зградата, неинформирано за промената, не му дозволи веднаш да влезе.
„Ова преземање на компанијата и доаѓањето на нов директор не може да се окарактеризира како вообичаено. Никој од моите претпоставени не ме информираше за моето отстранување од директорската позиција пред доаѓањето на Тинтор“, изјави Мијаиловиќ за порталот „Раскрикавање“.
Во одговор на ОЦЦРП, Владица Тинтор рече дека промената на раководството е извршена во согласност со политиката на компанијата, најдобрите практики и законот.
Аквизиции на „Телеком“
Откако Лучиќ беше назначен за извршен директор на „Телеком Србија“ во 2020 година, државната компанија започна агресивна експанзија.
Таа купи или лансираше неколку телевизиски станици, вклучувајќи ги Еуроњуз Србија, Блумберг Адрија и Њузмакс Адрија и стана најголемиот огласувач во земјата, особено во провладините весници.
„Телеком“ купи и помал кабелски оператор, „Коперникус Технолоџи“, за дури 195 милиони евра. Ја купи компанијата од Срѓан Миловановиќ, чиј брат е влијателен член на Српската напредна партија во Ниш, а експертите тврдат дека тој платил за нејзината претплата. Кратко по овој договор, Миловановиќ купи две национални телевизиски станици, Прва и Б92, за 180 милиони евра, кои сега се дел од пропагандната машинерија на владејачката партија, пренесува порталот Раскрикавање.
Во друг договор, „Телеком“ потпиша договор од 38 милиони евра со бизнисменот Игор Жежељ и го купи Мондо.рс. Кратко потоа, Жежељ ја презеде „Адрија медиа гроуп“, издавач на Курир, еден од највлијателните провладини таблоиди. Телеком во моментов е во процес на преземање и на оваа компанија.
Ваквите и слични потфати многу ја чинеа државната компанија. Годишните извештаи покажуваат дека Телеком Србија е оптоварен со повеќе од три милијарди евра долг.
Аналитичарите веруваат дека овие купувања – заедно со големите договори за права, вклучително и понуда од 600 милиони евра за правата за емитување на англиската Премиер лига – му служеле добро на Вучиќ со концентрирање на повеќе медиуми под сопственички структури поволни за српскиот претседател.
„Времето покажа дека купувањето на кабелските оператори дефинитивно беше најдобриот потег и дека оваа инвестиција се исплати побрзо отколку што очекувавме“, рече Владимир Лучиќ во писмен одговор до ОЦЦРП.
Тој исто така рече дека долгот на Телеком е ист како и на сите големи телекомуникациски оператори.