
Обврзниците се од компанија што била дел од кривични дела, вели директорот Богоев
Запленетите обврзници се од офшор дестинација, a компанијата што ги издала обврзниците порано била дел од кривични дела. Индикативна е и банката што ги издала обврзниците, се дел од фактите што во интервју за „Слободен печат“ ги откри директорот на Царинската управа Стефан Богоев.
Препорачано
– Сопственикот на обврзниците, патникот што ги носеше, лицето што го чекаше тука, државата каде што е регистрирана фирмата што ги издала обврзниците како и нејзината историја, но и банката што стои зад издавањето и нејзината историја, беа прилично индикативни за да започнеме посериозна финансиска истрага со други институции. Токму поради овие факти, соработката со меѓународните партнери е од големо значење. Во изминатиот период и од турска страна и во рамките на СЕЛЕК и во рамките на ИНТЕРПОЛ се изрази огромен интерес за овој предмет. Ние како Царинска управа сме должни да ги заштитиме граѓаните и да спречиме можни кривични дела. Во однос на другите информации, нив ќе ги споделиме со јавноста по завршување на истрагата – изјави Богоев.
Тој рече дека Царината работи на повеќе проекти со цел сузбивање на корупцијата, а со Словенија се работи за унапредување на експертизата за водење финансиски истраги и зајакнување на капацитетите на царинските службеници.
Првиот цариник потенцираше и дека се направени и повеќе промени во секторите што се клучни во борбата со шверцот, недозволена трговија, корупцијата и криминалот – во Секторот за контрола и истраги и популарно познатата Мобилна царина, каде што очекува подобри резултати од досегашните.
ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО УТРЕШНОТО ИЗДАНИЕ НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“