
Обвинителството се спогоди со гинекологот Христо Ѓоргиевски да добие условна, мајката на починатото бебе е неутешна и разочарана
Јавното обвинителство Битола, застапувано од обвинителката Оливера Нечаковска пред околу 1 месец се спогодило со гинекологот од битолската болница Христо Ѓоргиевски, а судот ја прифатил спогодбата – тој да биде условно осуден на 6 месеци казна затвор која нема да се изврши ако една година не стори ново кривично дело, за смртта на новороденчето Јован на мајката Викторија Митевска.
Препорачано
Смртта на бебето настапила како директна последица на тоа што гинекологот наместо да ја породи со царски рез, ја породил спонтано, спротивно на медицината заснована на докази. Бебето се задушило, страдало во матката, но Ѓоргиевски наместо да пристапи кон итен царски рез, процес, што според вештачењето, во организирани гинеколошки институции трае 10-15 минути, продолжил со спонтано породување. Во него уште се додава дека кога Митевска дошла на породување, нецелосно работеле и ЦТГ апаратите во болницата, што оневозможило да се следи целосно срцевата акција на плодот.
По доаѓањето на пациентката во болницата на 09.04.2023 година во 14 часот од страна на лекарите е направена погрешна проценка за породување по спонтан пат. Мониторирањето на параметрите во текот на породувањето укажало на страдање на плодот во мајката и било направено со неисправна болничка ЦТГ опрема со која не може во целост да се следат сите параметри. Требало да се пристапи кон итен царски рез, а не да се чека уште еден час и да се продолжи со спонтано породување во кој период плодот дополнително страдал.
Како што произлегува од спогодбата и од пресудата, доктор Ѓоргиевски е виновен затоа што во април 2023 година, од 14 часот до 15 часот и 25 минути како лекар специјалист по гинекологија и акушерство вработен во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола, свесен дека поради неговото сторување или несторување може да настапи штетна последица, лекомислено сметал дека ќе може да ја спречи или дека таа нема да настапи, при породувањето на пациентката Викторија Митевска применил очигледно неподобен начин на лекување, со тоа што донел погрешна проценка породувањето да го заврши спонтано, наместо со итен царски рез, што е спротивно на медицинскиот протокол.
Според овој протокол, кога животот на жената или плодот е во непосредна опасност, како што било во конкретниот случај, треба да се пристапи кон породување со царски рез. Дополнително, кога се пораѓала Митевска во болницата, според стручната комисија од извршениот надзор, констатирано е дека ЦТГ опремата во гинеколошкото одделение во ЈЗУ болница „Св. Трифун Пановски“ – Битола, била неисправна. Така здравствените работници не можеле во целост да ги следат сите параметри за состојбата на плодот и мајката.
Докторот ја примил Митевска за породување, ја прегледал само вагинално и констатирал дека раѓањето е почнато и проценил дека треба да се доврши по нормален пат, иако направениот ЦТГ запис непосредно по пристигнувањето на родилката во болница од 14 часот и 15 минути кој го видел докторот укажувал на фетален дистрес синдром кој подолго траел. Исто така, во 14 часот и 30 минути истекла густа меконијална околуплодова вода која укажувала дека бебето страда додека е во мајката, што е апсолутен показател дека здравјето и животот на плодот се во опасност заради недоволен доток на кислород што пак е индикација за итен царски рез.
Царски рез не бил изведен. Бебето Јован почина. Причина за смртта на бебето, како што покажа обдукцијата е задушување заради вдишување на меконијално обоена околуплодова течност.Мајката е неутешна.
Митевска за „Слободен печат“ вели дека е исклучително разочарана од исходот во нејзиниот предмет.
– Од каде да почнам, а каде да завршам? Длабоко разочарување од ОЈО Битола. Длабоко сум разочарана од исходот на мојот предмет. Јас бев уште една бројка во овој лавиринт наречен „совесност, чесност и разумност“.
Сметам дека оваа пресуда не го одразува сериозното влијание врз мојот живот и моето здравје пред сè. За вакви случаи каде што настапува смртна последица казните треба да бидат поостри и да ги одразуваат сериозноста на делото и последиците за жртвата.
За жал, во мојот случај почитуваната јавна обвинителка Оливера Нечаковска која усвои барање од едниот доктор да се изземе обвинителот што го водеше предметот од почетокот, го презеде и во една недела го заврши случајот.
Само уште не ми е јасно кога успеаја толку документи во целост да ги прочитаат, а имаат и нови предмети што се итни и не чекаат – ни изјави Митевска.
Таа додаде дека Македонија е држава во која доктор не оди во затвор, но дека ќе ја продолжи борбата така што прво ќе го обжали решението за отфрлена кривична пријава против двајца други доктори што биле инволвирани во нејзиниот трагичен случај.
Од Обвинителството велат дека имале предвид дека ниедна казна нема да ја надомести загубата но на овој начин обезбедена е правосилна пресуда со утврдена кривична одговорност.
Основното јавно обвинителство Битола склучи предлог-спогодба со која осомничениот практично прифати кривична одговорност за стореното дело. Со изречена пресуда Судот ја прифати спогодбата, го осуди обвинетиот и ја изрече предложената кривична санкција, која е одмерена врз основа на сите прибавени докази (не само вештачењата), но имајќи ја предвид и претходната судска пракса на постапување во исти или слични предмети. Имено, досегашната судска пракса на подрачјето на кое постапува ОЈО Битола, во предмети за исти или слични кривични дела од член 207 или 217 од КЗ, по поднесени обвиненија од страна на ОЈО Битола се носени правосилни осудителни пресуди со изречени слични санкции – условни осуди. Притоа, ОЈО Битола имаше предвид дека ниту една казна нема да може да ја надомести загубата на оштетената, но на овој начин се обезбеди правосилна пресуда со утврдена кривична одговорност за лекарот кој со своето небрежно постапување довел до трагичниот исход. Спогодбата како инструмент предвиден во Законот за кривична постапка овозможува не само ефикасност на постапката, туку и избегнување на повторна виктимизација на жртвата – мајката на починатото бебе преку повторно преживување на траумата од загуба на најмилото во ситуација доколку истата би давала исказ пред суд. Согласно изготвеното вештачење и другите докази, можеше да се утврди директна причинско последична врска помеѓу однесувањето на овој лекар и трагичната последица, потребна за да може да се повика на кривична одговорност за сторено кривично дело од член 217 ст.4 в.в. чл.207 ст.3 в.в. ст.1 од КЗ. Од друга страна, во текот на постапката се добија и сознанија за неетичко постапување и на други лекари поврзани со предметниот настан, за кои обвинителството ќе поднесе соодветни поднесоци до Лекарската комора како орган надлежен за етичките стандарди на постапувањето на лекарите. Покрај одговорноста на лекарите, вештачењето детектира и системски пропусти, односно неисправна опрема во болницата како една од причините, што исто влијаеше врз степенот на кривична одговорност на осомничените кој директно се одразува и врз висината на санкцијата, велат од Обвинителството.
Докторот е огласен за виновен од страна на судот, откако ОЈО Битола поднело предлог-спогодба пред судија на претходна постапка.
Судијата го огласи гинекологот Христо Ѓоргиевски за виновен за кривичното дело „тешки дела против здравјето на луѓето“, му изрече алтернативна мерка условна осуда со која ќе му биде утврдена казна затвор од 6 месеци ако во рок од 1 година направи ново кривично дело. Пресудата е конечна и не може да биде обжалена.
Законодавецот за ова кривично дело предвидел казна затвор од 6 месеци до 5 години. Судот смета дека со изрекувањето алтернативна мерка условна осуда како во изреката на пресудата може да се очекува целта на казнувањето кон обвинетиот да се оствари. Митевска не се согласува.
– Мојата борба продолжува. Прво ќе се жалам на решението за отфрлање на кривичната пријава против двајцата други доктори што беа инволвирани во мојот случај.
Не очекував вакво предавство и потфрлање на системот. По завршувањето на целата постапка, последно што ми останува е граѓанска постапка за надоместок на штета.
Никогаш со ништо и никој, не може да ми ја надомести. Мојот Јован нема да се врати, а ниту јас ниту мојот живот се исти – ни рече Митевска.
Во пресудата пишува дека „оваа мерка условна осуда е адекватна на степенот на кривична одговорност и на возраста, личноста, семејната состојба и образованието на обвинетиот“.
Институтот за судска медицина изготвил вештачење за овој случај потпишано од двајца професори. Вештачењето е долго и опширно. Во него пишува дека требало првиот доктор што ја констатирал фактичката состојба кај родилката, да пристапи кон итен царски рез, а не да се чекаат дополнителни 1 час и 25 минути за да се започне со нормално породување како што било во случајот.
Во еден дел од долгото и опширно стручно мислење од Судска медицина, стои дека смртта на новороденчето е резултат на задоцнето породување, при што дошло до вдишување на околуплодова течност и задушување на плодот. Пропусти се констатирани и во нејзиниот третман ноќта пред породувањето – дека не требало да биде испишана од болничко лекување дома. Предметот открива дека еден од лекарите ја убедувал Митевска дека другите се неспособни да ја породат.
Адвокатот на Викторија, Јанаки Митровски исто така незадоволен, бара Советот на јавни обвинители да испита како се однесува Обвинителството во Битола.
– Што се однесува на конкретниот предмет со Викторија, тој претставува еклатантен пример на забошотување на случај затоа што истрагата предолго трае, ги помина и законските рокови.
Супервештачењето и неговото дополнение се толерираше предолго да се влечкаат, иако имавме писмен предлог да се бара од судија на претходна постапка да се казнат вештаците.
Предметниот обвинител кој го работеше предметот пред обвинителката – тоа не го стори. Во обид да ме заплаши, тој обвинител ме пријави во адвокатската комора за наводно изнесување информации од истрага, но таа пријава е отфрлена како неоснована.
Тоа за мене беше очекувано, но беше и обид од негова страна да ме заплаши и да ме замолчи.
Очигледно дека недоволно ме познаваат. Самото супервештачење наоѓа дека пропуст направил и друг гинеколог што според вештаците веднаш кога дошла Викторија во раните утрински часови требало да ја земе на породување, но тие сметаат дека тоа е само прекршок.
А дали е прекршок или кривично дело е правно прашање за кое треба да одлучи јавниот обвинител.
Исто така е отфрлена пријавата и против началничката со образложение дека немало писмен доказ дека таа учествувала во породувањето иако треба да се занимаваме со тоа дали фактички учествувала или не, без разлика дали стои нејзин потпис – вели Митровски за „Слободен печат“.
Тој поднел жалба до Вишото јавно обвинителство на одлуката да се отфрли пријавата за другите двајца доктори, а во однос на пресудата врз основа на предлог-спогодбата повеќе ништо не може да се направи, таа е правосилна.
– Тоа беше цело време и намерата, да се заврши предметот што е можно потивко, односно да не се дојде до судење за да може на ваков начин бенигно да се заврши со условна осуда.
Исто така, не е испочитуван Законот за кривична постапка каде во член 483 стои многу јасно, дека јавниот обвинител е должен кон предлог-спогодбата заедно со сите докази да приложи и писмена изјава од оштетениот (во случајов Викторија) за видот и висината на имотно-правното побарување.
Тоа не е сторено, Викторија воопшто не беше известена и сето тоа е направено за сè да заврши мирно и тивко.
И откако Викторија ја добива предлог-спогодбата веќе е доцна зашто предметот кон доктор Христо Ѓоргиевски е правосилно завршен.
Сметам дека тука треба и Советот за јавни обвинители да се вклучи за престапите што се прават од ОЈО Битола, а за другите двајца ќе треба да го почекаме исходот од жалбата до Вишото јавно обвинителство – ни рече адвокатот.