
Обвинителството го „исчисти“ Христовски, но не докажа дека сертификатите се валидни
Објаснувањето на Обвинителството дека директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски е „чист“ и нема кривично да се гони за сомнежите за фалсификуван сертификат по англиски јазик, отвори повеќе прашања отколку што даде одговори и ја убеди јавноста дека Христовски регуларно полагал и има валиден сертификат по англиски јазик.
Препорачано
Од конфузното соопштение од Обвинителството, јасно е само дека се отфрлени анонимните пријави против директорот за „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа“ со невистинита содржина, иако Обвинителството не утврдило дали сертификатите на Христовски се валидни. Директорот полагал онлајн во домашни услови и во сабота успеал да добие сертификат.
Обвинителството пет месеци чекаше одговор од бугарските институции за јазичното студио „Јулиа“, но одговор на прашањата не доби бидејќи сопственичката на студиото не била во Бугарија, додека, пак, другиот сертификат што го приложил Христовски во Владата и во другите институции каде што конкурирал за директор и за асистент бил од 2022 година и ЕТС – Сервисот за едукација и тестирање, како единствената организација што е меѓународен тестатор за ТОЕФЛ-сертификати, не можело да издаде известување или да ги верификува резултатите и тестот бидејќи поминале две години од полагањето.
Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски во телевизиско интервју се обиде да објасни зошто донеле таква одлука, но заклучокот беше дека дилемата за веродостојноста на сертификатите постои, но Обвинителството не може да одлучи поинаку од она што го кажуваат доказите.
– Од страна на бугарските власти односно таму постапува Окружното јавно обвинителство, добивме информација дека во тоа време во 2022 година таа школа постоела, но ја барале сопственичката на школата, била надвор од државата и ни го вратија нас барањето дека во конкретниот случај не може да обезбедат ништо од тоа. Е, сега, јавниот обвинител оди понатаму, ја прибави целокупната документација од Владата да видиме врз основа на кој сертификат тој е примен. Понатаму, со оглед на тоа дека лицето Бојан Христовски конкурирало и за директор на ЈП Паркинг, конкурирал и за асистент и ги прибави и тие документи. И сега што се случува. Она што прибавивме од Владата, сега има друг сертификат – објаснуваше Коцевски на интервју за Телевизија 24.
Според неговото објаснување, Обвинителството всушност цело време го проверувало подготвителниот сертификат од „Јулија“, а не знаеле дека тој имал поднесено друг ЕТС-сертификат.
– Нам предмет со кривичната пријава ни беше овој подготвителен сертификат. Ние баравме дали тој сертификат е лажен или не. И целата јавност беше насочена околу него и ние тоа го баравме. Ние не знаевме дали има некој друг или трет. Владата го примила врз основа на овој друг сертификат – рече Коцевски. Потоа си рекле зошто да не го провериме и тој ЕТС-сертификат, но не можело затоа што поминале две години.
Според соопштението од Обвинителството, Христовски приложувал сертификат од училиште за странски јазици од 23 март 2022 година, но тој бил од курс за подготовка за испитот ТОЕФЛ, но и сертификат за положен ТОЕФЛ со освоени 75 поени, од кој се констатира дека тој полагал во домашни услови преку Испитниот центар за Република Бугарија.
– Јавниот обвинител изврши проверки и на јавно достапните податоци во ЕТС – Сервисот за едукација и тестирање, како единствената организација која е меѓународен тестатор за ТОЕФЛ-сертификати, при што според прирачникот за спроведување на „ТОЕФЛ ибт“ тестирање за 2022-2023 година евидентно е дека во тој период постоела можноста тестирањето за ТОЕФЛ-сертификат да се спроведе и во домашни услови. Во тој случај испитот се мониторирал онлајн од страна на човек – супервизор, а по содржина и форма тестот е ист со оној што се полага во лиценциран испитен центар. Разликата е во тоа што „ТОЕФЛ ибт“ домашно издание можел да се полага во секое време, четири дена во неделата, по претходна регистрација. Резултатите и сертификатот од тестот се достапни во електронска форма 6-10 дена по тестирањето преку корисничкиот профил на лицето што го полагало тестот, а доколку поминале повеќе од две години од полагањето, како што е во случајов, ЕТС не може да даде известување или да ги верификува резултатите и тестот – се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Предметот го водеше обвинителот од скопското обвинителство Владимир Милошевски, кој утврдил дека директорот на АНБ „не направил лажна исправа со намера таквата исправа да ја употреби како вистинска и не употребил преправена исправа како вистинска, ниту пак како доказ во правниот сообраќај употребил исправа, книга или спис за кои знае дека се невистинити“.
Од соопштението исто така може да се сфати дека тие констатирале дека Христовски презентирал валиден документ за познавање странски јазик, иако претходно е наведено дека не може да се утврди неговата валидност.
– Според член 122 од Кривичниот законик, исправа е секој предмет што е подобен или одреден да служи како доказ на некој факт што има вредност во правните односи. Оттука, дури и да постои дилема за веродостојноста на документот за завршен курс за подготовка за испитот ТОЕФЛ издаден од „Ленгвич скул Јулија ЦО.ЛТД“, тој во согласност со обезбедената документација не предизвикал правна последица, ниту бил од какво било значење за правните односи и за именувањето за директор, бидејќи во досието е презентиран друг валиден документ за познавањето странски јазик. Од тие причини во дејствијата на пријавениот не се содржани елементите на пријавените кривични дела – соопшти Обвинителството.
Кариерата на Христовски како директор на АНБ почна со обвинувања за лажен ТОЕФЛ-сертификат по англиски јазик, но и со нерезервна поддршка од премиерот Христијан Мицкоски. Одлуката на Обвинителството се носи откако Владата ја запре постапката за разрешување на Коцевски и покрај претходните жестоки критики за работата на обвинителите.