
Обвинителите Стефанова и Рустеми кривично ќе гонат бизнисмен кој ги обвинува за наводна афера „Рекет 2“
Обвинителите Лиле Стефанова и Бурим Рустеми ќе поднесат кривични пријави против бизнисмен за лажно пријавување, откако нивните имиња со денови се поврзуваат со наводна афера „Рекет 2“, за која обвинува ВМРО-ДПМНЕ и дел од медиумите блиски до неа, пишува „Фокус“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според тоа што се изнесува во обвинувањата против нив, обвинителите наводно рекетирале познат бизнисмен. Двајцата обвинители ги демантираат објавите и најавуваат кривични пријави за бизнисменот за лажно пријавување, но и за иницијаторите на кривичната пријава против нив.
„Инсистирам и барам ОЈОГОКК итно да постапи и да ги испита наводите од пријавата во која ќе се докаже дека сум опфатена без ниту еден реален основ. Јас воопшто не сум водела никаков предмет против подносителот на пријавата. Единствена причина поради која сум пријавена е моето учество во надзорот во Вишото јавно обвинителство Скопје, каде еден од предметите опфатени со надзорот беше токму предметот во кој незаконски беше повлечена жалба на решението за запирање на постапката против подносителот на пријавата, со што беше нанесена штета од повеќе милиони евра. Бидејќи и самиот подносител знае дека не сум сторила никакво кривично дело, а сепак ме пријавува, откако ОЈОГОКК ќе го утврди тоа низ една законита постапка, јас ќе иницирам постапка против него за лажно пријавување на кривично дело“, изјави за „Фокус“ обвинителката Лиле Стефанова.
И Рустеми вели дека пријавата против него е лажна.
„Пријавата против мене е целосно неоснована и е поднесена без ниту еден доказ, бидејќи таков не ни може да има. Поднесена е од обвинето лице против кое водев предмет „Поштенска банка“ и му поднесов обвинение со сомненија за сторен милионски криминал. Доколку вишиот јавен обвинител не одлучеше неосновано да ја повлече жалбата на решението за запирање на постапката, тој предмет ќе продолжеше и ќе завршеше со осудителна пресуда. Од таа причина, мотивите за поднесување на ваква лажна пријава за мене се повеќе од јасни и немам намера да ги премолчам. Подносителот на лажната пријава ќе го пријавам за лажното пријавување на кривично дело, ни изјави Рустеми.
Како што неофицијално дознава „Фокус“ од сигурни извори, подносител на пријавата против обвинителите е бизнисменот Томе Главчев, кој беше еден од обвинетите во случаите на СЈО, „Поштенска банка“.
Предмет го водеше обвинителот Рустеми, но истиот пропадна откако вишиот обвинител Јован Цветановски ја повлече жалбата. Овој случај пак се најде и во извештајот на обвинителите кои неодамна извршија надзор над работата на скопското Вишо обвинителство и утврдија дека обвинителот Цветановски неосновано се откажал од предметот. Во комисијата која ја вршеше ревизијата пак учествуваше обвинителката Лиле Стефанова.
Пред неколку дена беше поднесено и обвинение против обвинителот Цветановски и неговиот доскорашен шеф Мустафа Хајрулахи. Едно од обвинувањата е дека Хајрулахи „местел“ предмети кај обвинителот Цветановски, кој пак незаконски постапувал по нив.