Демонстранти-симпатизери на „Преродба“ го палат знамето на ЕУ на протест во Софија против воведувањето на еврото како платежна валута во Бугарија / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Обвинети петмина Бугари кои сакаа да го запалат седиштето на ЕУ во Софија

Софиското јавно обвинителство покрена обвиненија против пет лица за вчерашните инциденти за време на протест во Софија, јави „24 часа“. Четворица полнолетни луѓе и еден малолетник се обвинети за „хулигански дејства со особена дрскост“ за време на вчерашниот протест на партијата „Преродба“ во главниот град на Бугарија.

Според обвинителството, некои од обвинетите покажале отпор кон полицијата пред зградата на Европската комисија и Европскиот парламент, а дел од нив ја запалија вратата на зградата во која се наоѓа седиштето на Европската комисија.

Според заменик-обвинителот Атанас Доцински, обвинетите можат да се соочат со затворска казна до пет години, додека за малолетникот таа би била до две години. Судот утре ќе одлучува околу притворот за обвинетите.

Протестот, организиран против воведувањето на еврото како платежна валута во Бугарија, почна пред Народната банка, а потоа продолжи пред претставништвото на Европската комисија. Демонстрантите фрлаа пиротехнички средства и црвена боја врз зградата и го запалија знамето на Европската унија, пред да ја потпалат и вратата на зградата во која се наоѓа седиштето на ЕК во земјата. Во судирите со полицијата, повредени се десетмина бугарски органи на редот.

Обвинителството работи и на идентификација на други учесници во насилството. Според полицијата, протестот бил организиран од пратеници на „Преродба“, кои уверувале дека нема да има инциденти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот