
Обвиненија за „Барон/Беланоца“ и за Штекли – едните нарачувале убиства, другите ја криеле дрогата во бункери на државно земјиште
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе две обвиненија против криминалната група Беланоца/Барон и уште едно за дилање на дрога против групата на Раде Трајковски Штекли.
Препорачано
Групата на Штекли умешно ја криела дрогата во бункери, а дел била закопана на градежна парцела, на државно земјиште. Поточно, како што брифираат од Обвинителството, кога Штекли се спремал за бегство, дрогата ја предал на друго лице кое ја сокрило на државното земјиште. Кога истражителите излегле на терен за да ги приберат доказите, се соочиле со пречка.
Од оваа група, седум членови признале вина и се спогодиле со Обвинителството, па добиле по 3-4 години затвор, бидејќи биле фатени со мали количини на дрога, односно во моментот додека ја препродавале. Обвинителството откри и дека дрогата се продавала преку интернет, но и по ресторани, од кои дел се во општина Аеродром.
Останатите кои не се спогодиле, меѓу кои и Штекли, по оценката на обвинението ќе ги очекува судење.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го гони Фатљум Ајети – Тоте, лидерот на Беланоца/Барон, дека од затвор нарачал четири убиства.
– Најстарото убиство е од 2014 година. Првата група нарачува и извршува, со логистика, четири убиства од кои едното е двојно убиство. Мотивите се различни. Тие се по порачка, поради ниски побуди. Познати се „Шиша бар“ и убиството во Ханиоти – брифираа од Обвинителството.
Тогаш беа ликвидирани лидерите на спротиставената група Дуќанџик/Грчец, Јетон Кривањева Жила во „Шиша бар“, како и Орхан Бајрами Оки на Халкидики. Убиен во локалот во Стара чаршија беше и Енес Ибраимов Љаци.