1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Образовните асистенти се неопходни и значајни во образовниот систем

Министерката за образование и наука вчера го презентираше граѓанскиот буџет за идната 2021 година, кој е проектиран на 23,1 милијарди денари, а и самата посочи дека во новиот буџет јасно ќе бидат изразени сите развојни политики и заложби за создавање образование кое му овозможува на секое дете да го достигне својот потенцијал.

Царовска истакна дека вкупниот буџет на МОН е поголем за 1,1 милијарда денари во однос на минатата 2020 година, а најголемиот дел од парите, како што посочи таа, ќе бидат насочени директно кон граѓаните – кон подобрување на образовниот систем и условите во коишто се одржува наставата.

Она што е многу важно е тоа што за првпат Министерството за образование издвојува 54 милиони денари за ангажирање на образовни асистенти.

Царовска: Училиштето е место кадешто создаваме граѓани кои понатаму ќе ја водат државата

– Овозможуваме секое дете го развие својот потенцијал преку креирање на инклузивни образовни политики и грижа за индивидуалните потреби на сите ученици – изјави Царовска.

Што значи образовен асистент и кој треба да ја врши таа улога?

Образовните асистенти се од големо значење во самиот образовен процес, затоа што ние како држава се уште не сме подготвени за тотална инклузија. Има различни видови на попречености и самата природа на детето си бара посебна програма и можност прилагодена на детето, вели Елеонора Наумоска специјален едукатор и рехабилитатор (дефектолог). 

За тоа кој се треба да ја врши оваа улога од претходно одговарајќи на прашања на ученици, министерката Царовска посочи дека постојат стандарди кои одредено лице ќе треба да ги исполни за да може да ја добие оваа функција, а нагласи и дека по потреба и самите наставници ќе можат да ја вршат оваа улога.

-Се подготвуваат стандардите за образовните асистенти, за тоа кој се може да биде образовен асистент и обезбедени се финансиски средства во буџетот за 2020/21, за оние кои ги исполнуваат условите да влезат во наставата, но исто така се размислува и за реорганизација, односно дека асистенти во настава можат да бидат и самите наставници коишто можеби со рационализација на мрежата на училиштата ќе треба да бидат со дополнителни обврски – рече Царовска.

Сепак, Елеонора смета дека наставниците се уште не се подготвени да се вклучат во делот на инклузијата, па истакнува дека за оваа функција е потребно да се ангажираат стручни лица.

-Образовните асистенти би требало да се стручни лица ( специјални едукатори и рехабилитатори, психолози, педагози… ), односно струки кои учеле за правилен раст и развој кај дете ( интелектуално, емоционално, социјално… ), кои знаат техники и методи како да му помогнат на самото дете да го совлада материјалот. За жал кај нас наставниците сѐ уште не се спремни за овој процес на инклузија, но донекаде не ги обвинувам, затоа што навистина не знаат како и поради таа причина образовниот асистент е тука да му помогне во имплементирање на наставата која е адаптирана за детето – вели Наумоска.

МОН почнува процес за вработување на образовните асистенти (ВИДЕО)

Овој специјален едукатор и рехабилитатор вели дека најголемиот проблем со овие лица е платата, која според нејзините зборови неретко се случува и да доцни.

– За жал кај нас образовните асистенти се сѐ.. Ретко кој наставник се труди да ја разбере природата на детето, па асистентот (не)свесно ја зема и улогата на наставник. Малку се платени, платите знаат да доцнат и секогаш Општините имаат некоја причина зошто доцнат платите. Платата е 7.400 денари – заклучи Наумоска.

Од друга страна, Царовска од претходно истакна дека во иднина се планира и зголемување на платите за образовните асистенти , согласно новите закони во обрзованието за 2020 и 2021 година, но засега не е познато конкретно колкави ќе бидат примањата на овие лица.

Воведувањето на образовни асистенти е еволуциски исчекор во третирањето на различностите

Ова е еден знак на многу повисока свест на целото општество вклучувајќи ги институциите кои ја согледале потребата за еволуциски пристап, односно за тоа како се третираат различностите. Сите сме различни индивидуи и општеството треба да им одговори на нашите поинакви потреби, вели психологот Марија Котевска Димовска.

Димовска вели дека децата со посебни потреби не се пречка, туку напротив се категорија на која треба да им посветиме посебно внимание.

– Лицата со посебни потреби, а посебно децата се категорија која ние не треба да гледаме како некоја препрека, туку тие се деца на кои треба да им посветиме поголемо внимание. Многу го поздравувам овој чекор за да се воведе една посебна грижа и посебен третман за да им се помогне и тие деца да го најдат своето место во општеството – нагласи Котевска.

Токму со моментот дека преку ангажирањето на образовните асистенти таа група на деца дополнително ќе се изедначи со останатите, се согласува и Владо Петровски, родител на дете со помала интелектуална попреченост.

– Овие стручни кадри дополнитело ќе ни помогнат во секојдневната борба за рамноправно вклучување на нашите деца во секојдневието. Доколку се финансиски мотивирани и се стручни и компетентни лица за оваа функција, верувам оти ќе им се од помош на децата со цел тие полесно да се интегрираат во средината – смета Петровски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот